Пишува: Марко КИТЕВСКИ

СВ ЛУКА ЛЕКАР И ЗОГРАФ, АВТОР НА ПРВИТЕ РАЧНО ИЗРАБОТЕНИ ИКОНИ

Како добар живописец светиот апостол и евангелист Лука ја насликал Богородица со Исус, а подоцна и светите апостоли Петар и Павле, и овие икони се сметаат за први рачно изработени икони.

Именден празнуваат: Лука…

Светиот евангелист и апостол Лука е роден во Антиохија. Тој е еден од четворицата евангелисти. Според едни тој им припаѓал на 12-те Христови апостоли, а според други не бил во редот на овие апостоли туку во 70-ученици на Исус. Бил верен следбеник на Христовото учење и го проповедал во повеќе земји низ светот. Особено по смртта на светите апостоли Петар и Павле тој христијанското учење го проповедал во Галија (денешна Франција), Италија, Далмација, Македонија, Грција и др. места. Околу 60-тата година го напишал евангелието но напишал и други дела како што се Дела апостолски. Доживеал длабока старост но не се откажал од проповедите на Христовото учење. Според едни извори на 84-годишна возраст во Грција бил мачен и обесен на маслинка, а според други умрел од природна смрт. Телото на светиот евангелист Лука за време на царот Константин било пренесено во Цариград и погребано во црквата на Светите апостоли заедно со телата на свети Андреј Првоповикан и свети Тимотеј. Бил лекар и зограф. Како добар живописец ја насликал Богородица со малиот Исус, а подоцна и светите апостоли Петар и Павле и овие икони се сметаат за први рачно изработени икони. Некои истражувачи Евангелието по Лука го датираат меѓу 57 и 60 година, додека други го сместуваат по 70-тата година. Своето евангелие светиот апостол и евангелист Лука го започнува како писмо до еден висок достоинственик по име Теофил: „Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние, кои уште во почетокот беа очевидци и служители на словото, намислив и јас, откако испитав сè од почетокот да ти опишам точно по ред честити Теофиле, за да ја разбереш основата на учењето на кое си се учел“. Лука1/1-4 Оттука може да се заклучи дека ова евангелие е одбрана на христијанската вера пред римскиот свет. Меѓу народот се смета за лесен празник што го празнувале само жените. По овој празник селаните започнувале да ја садат раната сорта лук.

СВЕТИ КОНСТАНТИН КАВАСИЛА

На овој ден се празнува и споменот на Св. Константин Кавасила. Тој е еден од најпознатите архиепископи на славната Охридска архиепископија. Од различни причини за него малку се знае. Роден е во градот Драч во областа Илирик во познато семејство. Од семејството Кавасила излегле голем број угледни лоичности, епископи, монаси, научници, воени раководители и сл. Подоцна имаме уште неколкумина истакнати архиепископи и светци од ова семејство, како што се Нил Кавасила архиепископ Солунски, неговиот внук Никола Кавасила Хамаетос итн. Константин Кавасила уште млад се стекнал со солидно образование како од световните така и од духовните науки. Потоа станал епископ Струмички и за време на неговиот престој во овој град видно пораснал култот на светите 15 Тивериополски маченици. Константин Кавасила напишал две химнографски творби посветени на овие маченици. Бил пофален од Охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан кој станал негов духовен татко. Потоа бил поставен за Митрополит во Драч, каде што останал до изборот за Охридски архиепископ нешто пред 1250 година. Како архиепископ на Охридската архиепископија тој го продолжил делото на светите Климент, Наум, Хоматијан. Составил еден молебен канон за свети Климент Охридски и два за Свети Наум Охридски. По многу искушенија што доживеал поради бурните општествено-политички состојби на поширок простор, Свети Константин се упокоил во Охрид на 18 октомври (с.с.) или на 31 октомври по нов стил. Бил погребан во архиепископската гробница во Света Софија која подоцна била урната од Османлиите. Набргу по упокојувањето неговиот лик започнал да се слика во црквите. Бил насликан веднаш до свети Климент во Пресвета Богородица – Перивлепта, потоа во олтарот на Св. Јован Канео, во храмот „Мали свети врачи“, во црквата во Старо Нагоричане, во повеќе цркви на Света Гора итн.