Средношколците на протест пред Министерството за образование.
Пандемијата, недостаткот на учебници, штрајковите на наставниот кадар и јавното сообраќајно прептријатие, како и редовните лажни дојави за бомби направија да изгубат голем дел од наставата.
Тие сега бараат оние наставни материјали кои ги пропуштиле, да бидат изземени од овогодинешната матура. За тоа да се оствари нудат разни решенија.
Поддршка добија и од студентите, кои пак си имаат мака со задоцнетите стипендии и нискиот износ за субвенициониран студентски оброк.
„Целта на овој протест е немање слух на Владата за нашите проблеми. Бараме зголемување на субвениционираниот студентски оброк, почитување на роковите за исплата на субвениционираниот студентски оброк и стипендиите кои вече доцнат цел месец. Излажани сме за подобрувањето на условите во студентските домови и нема ништо од реновирање. Условите и понатаму се катастрофални“, вели Теодора Наумовска од Студентски отпор
На закажаната средба во Министерството за образование, надлежните ги примија само средношколците, кои велат дека освен заложби за подобро, не добиле конкретни ветувања.
„Повторно ја изразивме нашата заложба за скратување на материјалот за матурата. Тоа што ни беше кажано е дека материјалот за матурата е веќе скратен, истото она што беше кажано и во последните неколку дена. Тоа што го забележавме во материјалот за мајчин јазик, односно за македонски, беше дека скратеното е речеси идентично на она што било минатата година“, порача Анисија Угриновска од Средношколска организција ОДАС
Помеѓу заложбите на Министерството за обрзование се најде и тоа дека ќе им наложат на училиштата да објават таканаречени базени, односно банки на прашања кои може да се паднат за време полагање на интерните матурски предмети.
Засега тие чекаат на епилог од надлежните, дали навистина ќе им излезат во пресрет на матурантите или едноставно, само купуваат време, без реални намери за промена.