Претставници на полската Католичка црква денеска открија дека од 90-те години до денес 382 свештеника злоставувале малолетници.
– Меѓу нив, 198 свештеници злоставувале малолетници помлади од 15 години, а 184 свештеници злоставувале малолетници на возраст меѓу 15 и 18 години, изјави Војчиех Садлон, раководител на црковниот Институт за статистика.
Според Садлон, злосторствата се случиле од 90-те години до средината на минатата година.
Надбискупот Вајчиех Полак изрази „болка, срам и чувство на вина бидејќи се случиле такви ситуации“.
Бројките се објавени по придневното заседавање на полскиот епископат во Варшава, на кое е разговарано за злоставување и начините за заштита на децата.