Заразената болничарка со конго-кримска хеморагична треска ја прими првата доза од лекот „рибавирин“, а терапијата ќе се дава и во наредните четири дена. Директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ на денешната прес-конференција информираше дека пациентката е во стабилна состојба и влегува во фаза во која се очекува појава на крварење или таканаречена хеморагична фаза, информира „Слободен печат“.

-Ноќеска првпат е забележано лесно крварење кое се гледа само на избришок од хартија. Меѓутоа, тоа е веќе еден знак за кој треба да бидиме под сериозен алерт. Ние пациентката ја гледаме под лупа како со анализите, така и со клиничкото следење. На денешниот конзилиум на колегите на Инфективната клиника е одлучено и проценето дека веќе денеска треба да почнеме со лекот „рибавирин“ кој е донесен во нашата држава. Како ќе се развиваат работите, дали требало порано – не ни требало порано. Се држиме до искуството на оние кои имале највеќе прегледани и лекувани пациенти во светот, не само во регионот, не само на локално ниво – во светот. И сметаме дека сме на добар пат и правиме исправно со секој преземен чекор во смисла на лекувањето на пациентката – вели Стевановиќ.

Прашана за ефикасноста на лекот, директорката на Клиниката за инфективни болести појасни дека ниту искуствено, ниту во медицинската литература и научни трудови, ниту преку проценти не и изразен бенефитот на овој лек.

-Ниту еден колега, ниту напишан труд не го цитира и не го кажува. Целта е да се помогне, да се пренапрегне пред кризните моменти во развојот на болеста и со се она што е на располагање како искуство да го спроведеме, а дали тоа ќе биде со висок ефект ние тоа не можеме да го кажеме. „Рибавиринот“ е антивирусен лек и целта е да се спречи размножувањето на вирусот, да се намали неговата моќ, наједноставно кажано. Овој лек ние порано сме го имале, и сме лекувале хроничен хепатит ц како составен дел на терапијата со интеферони. Го немаме повеќе затоа што третманот на хепатит ц веќе одамна е комплетно променет и таквиот третман е исклучен од употреба, одговори Стевановиќ.

За првата пациентка која почина по неколку часа откако и беше дијагностицирана болеста, Стевановиќ вели дека не можела да биде спасена дури и да го имало лекот кај нас.

-Второто прашање, многу значајно за сите, многу често го слушам, е зошто нашата држава го немала овој лек и зошто купуваме лекови или наоѓаме лекови откога ќе се случат работите. Ова можете да го потврдите и како информација во секоја една од поголемите здравствени организации. Ниту една држава нема ваков тип на лек во залиха. Ниту една. Лекарите, организациите кои работат во решавањето на овие големи или помали епидемии на конго-кримска и други хеморагични трески во ендемските подрачја ги имаат и на ваков начин помагаат кога ќе се јават спорадични случаи како што е нашиот, појасни директорката.

Прашана дали може да настанат компликации од овој лек, таа одговори дека станува збор за несакани ефекти. Вели дека би можело да има и несакани ефекти и заради тоа во конзилијарното делување во лекувањето на пациентката во континуитет е вклучен и трансфузиолог и хематолог.