„Германците одново удрија и по неколку часа, еден нивни дел успеа да го пробие левото наше крило. Но, Тиквешкиот баталјон со силно митралеско и бомбашко дејство повторно го принуди да се повлече. За целото време на борбата, непријателската артилерија и минофрлачите непрекинато го опсипуваа селото и борбените позиции на другите два баталјони, кои прикриено ги чекаа Германците што требаше да ги прифати Прилепскиот баталјон. Во попладневните часови, од Воден пристигна уште една силна германска единица, така што Прилепскиот баталјон беше принуден постепено да се повлекува, на нови и на привремено определени позиции. Се повлековме кон врвот Јанкула, којшто се наоѓа 3 – 4 километри западно од селото.“

Лазо Мицев – Рале е еден од храбрите македонски борци од Втората светска војна и Народноослободителната борба на македонскиот народ. Загинал во битка на 4 април 1944 година. Од неговото раѓање до неговите јуначки подвизи во борбата против наци-фашистичките окупатори, биографијата „Рале“ напишана од неговиот другар Димо Јанчевски – Бодри ја открива упорноста, храброста и посветеноста на Рале на слободата на својот народ.

„На 3 април сред селото започна оро. Заорија и партизански песни. На оро се нафатија и селаните и селските моми и ергени, кои брзо се собраа. Се изведе и претстава што ја организираа бригадниот агитпроп, а потоа се одржа митинг. На митингот се објаснуваше воено-политичката ситуација во светот и кај нас. Се зборуваше за силата на Црвената армија и за борбените успеси на НОВ. Посебно беше нагласена борбата на македонскиот народ. Селаните од село Тресино ни помагаа од сѐ срце. Носеа храна, облека, воен материјал што го сочувале уште од капитулацијата на поранешната грчка армија. Нѐ известуваа и за движењето на непријателските единици. Така дојде една голема германска единица, концентрирана во Воден, се готвела за акција, додека друга, помала – се движела кон с. Тресино“, раскажува Бодри.

Раководството на бригадата наредило Прилепскиот баталјон да заземе одбранбени позиции на 2-3 километри од с. Тресино и да ги затвори патиштата кај селата Турманли и Полјани. Во случај на непријателски напад, под борбено-заштитно дејство на Тиквешкиот и Битолскиот баталјон, требало да се повлекуваат кон селото.

„На 4 април, во мугрите, Прилепскиот баталјон ја започна борбата против Германците. Тие напаѓаа со околу 500 пешадинци, една артилериска батерија, тенковска чета и други единици, специјално подготвени за борба на планински терен. Во нападот Германците се обидоа да се послужат и со итрина. Од соседните села собраа многу селани – главно младинци, што ги водеа пред себе, знаејќи дека нема да пукаме во градите на нашите сонародници. Но итрината набргу им пропадна. Селаните се разбегаа, а некој дури и им го одзедоа оружјето и за кусо време Германците останаа сами. Наскоро се разврза остра борба“, нагласува Јанчевски.

Прилепскиот баталјон ги мамел Германците на дострел на Тиквешкиот и Битолскиот баталјон, кои го бранеле отстапувањето.

„Изненадени од ова, Германците почнаа уште посилен напад врз главнината на Прилепскиот баталјон, но командантот со итрина и смели ненадејни противнапади ги принуди на повлекување – коешто личеше на бегство во паника. На бојното поле останаа многу трупови, оружје, шинели и друга опрема. Така Прилепскиот баталјон повторно ги зазеде своите поранешни позиции. Борбата стануваше сѐ посилна. Германците го концентрираа нападот врз позициите на Тиквешкиот баталјон со артилериски и минофрлачки оган. Повлекувањето продолжуваше. Тиквешкиот баталјон беше последен. Тој требаше да го задржува непријателот додека не се повлечат Прилепскиот и Битолскиот баталјон“, додава авторот.

СМРТТА НА РАЛЕ

Откако Прилепскиот баталјон се повлекол кон врвот Јанкула, околу 17 часот стигнала наредба да се повлече и групата каде што  биле Рале и Бодри, којашто останала последна да го брани приодот кон селото.

„Отстапувањето беше тешко оти бевме распоредени на една остра падина на којашто крајот ѝ беше подѕидан со ѕид од камења за да не се спушта земјата и нивјето. Ѕидот беше висок околу два метра и таму зазедовме позиција. Врз нас се растури силен митралески оган и силно минофрлачко дејство. Гранати фрчеа од сите страни и нѐ затрупуваа со земја. Митралезите шибаа на ѕидот, а куршумите што летаа над ѕидот, удираа зад нас. Истото и минофрлачките гранати. Тие што експлодираа пред нас го тресеа ѕидот, а оние што експлодираа и паѓаа преку ѕидот само нѐ затрупуваа со земја. По некое време, Германците успеаја наполно да нѐ опколат, зашто левиот наш крај не беше обезбеден. Останавме сами, но дејствувавме сложно и непрекинато. Рале со пушкомитралезот правеше пустош пред себе, а ‘Мајски’ и ‘Андре’ пукаа и му ги полнеа редениците“, појаснува неговиот другар и биограф Јанчевски.

Следи разжестување на борбата со рачни бомби, по што Бодри легнал на грб и извикал:

– Орлов, помош! Помош! – викав по мојот командант на баталјонот за помош, раскажува Бодри.

„Но помошта не можеше да стаса така брзо. Лево од мене беше Рале, неговите помошници не беа подалеку од 6-7 метри, а десно беше Ружа, политички делегат на една десетина, која исто така не беше подалеку од 4-5 метри. Другите беа лево од мене. Борбата не стивнуваше. Ја слушаме командата на Германците. Рачни бомби повеќе немаме“, се вели во написот.

Почнал да дава команди: – Ружа, отстапи малку!

„Така ѝ викав зашто близу до неа имаше еден камен ѕид, зад којшто можеше да се засолни. Потоа му викнав и на Ралета, и на другите да се повлекуваат. Притоа ни стаса помош. Тоа беа нашите пушкомитралесци Коџо и Брант кои со своето дејство го разбиваа борбениот ред на Германците, та нашето повлекување беше олеснато. Но пред тоа уриваме кон нивната борбена позиција опсипувајќи ги нивните редови со последните куршуми. Во тој миг слушнав едно ‘оф’,“ продолжува Јанчевски.

Набргу потоа и вик од Мишо Чејков – „Мајски“:

– Борци, Рале е ранет!

Бодри наредил: – Да се извлече! Мајски и Андре отрчале кон Рале, но се вратиле само со неговиот пушкомитралез. – „Мртов е!“ – рекле тие.

Одговорниот повторно наредил: – Извлечете го!

„Тие се вратија кај Ралета и почнаа да го влечат. Но Германците пак напаѓаа и борбата повторно започна. Немавме друг избор, освен да отстапиме и да му рапортираме на командантот… Дека еден остана на борбената позиција!“, подвлече Јанчевски.

Кога квечерината македонските партизани повторно го зазеле Тресино и ги растерале Германците, го нашле Рале обесен на еден јавор сред селото.

„Некои очевидци од селаните ни кажаа дека кога Германците го беселе, Рале извикнувал пароли за Партијата и Македонија. Го спуштивме на земја. Неговиот часовник којшто сè уште чукаше, го зеде Мишо Чејков – Мајски или Илчо Илчевски – Андре. Рале сите го жалевме. Беше прекрасен другар и добар борец. Неговиот пушкомитралез беше постојано во борбено дејство. Го однесовме југозападно од селото, на една падинка, до една чешмичка, меѓу дрвјата ископавме гроб, го спуштивме во него и му оддавме почит. Грмнавме по три истрели од пушките, а потоа неговиот пушкомитралез заклокоти со еден рафал од 25 куршуми. Политичкиот делегат на групата, другарката Ружа, одржа говор“, вели биографот при крајот од својот напис.

– Ралета го погребавме, но тој не е мртов, ќе живее во нас! – рече на крајот таа.

Во еден извештај од мај, таа 1944 година, нивниот соборец Мито Хаџивасилев – Јасмин ќе напише:

Борбата траела осум часа. Германците имале четворица повредени и шестмина ранети. Но, тука завршил и борбениот пат на македонскиот херој во Народноослободителната борба – млад човек, патриот, берберски работник од лавадаречката чаршија, бестрашен борец за слободата на својот народ – храбриот пушкомитралезец Рале.

„Борбениот и светол лик на Рале со векови ќе зрачи како сјаен пример за идните поколенија и секогаш ќе ги поттикнува во зачувувањето на револуционерните придобивки од НОВ и Револуцијата за чување на слободата и братството и единството на нашите народи и народности во изградбата на земјата. На Ралета – Слава му!“, нагласува Јанчевски.

РАЛЕ ЗАГИНАЛ НА НЕПОЛНИ 25 ГОДИНИ

Лазо Мицев е роден на 5 мај 1919 година, во Кавадарци, во сиромашно семејство. Соочувајќи се со тешки услови, тој ги стекнал првите искуства за животната борба од најрана возраст. Татко му Мицо починал кога тој имал само една година, па неговата мајка Ана морала да го одгледува. Лазо растел помагајќи ѝ со домашните работи и околу нивата. Од 1926 година, младото момче учи во Основното училиште во градот, а од 1930. и во Граѓанското училиште. Бил примерен ученик со одличен однос. Сепак, поради тешката економска состојба, тој е исклучен од училиштето. Потоа, се обидел како бербер, музичар, но бил и познат фудбалер меѓу младите во околијата и заедницата.

Кога во 1941. Македонија била окупирана, момчето со прекар Рале му се приклучил на отпорот. Со својата дејност активно им помагал на партизаните, првично собирајќи, на пр., вооружување за претстојната борба, но и учествувајќи во уредување собири, митинзи и акции против окупаторите.

Во 1943 година, Рале се приклучил во партизанските редови. Тој, имено, прво станал дел од партизанскиот одред „Добри Даскалов“, па во баталјонот „Страшо Пинџур“, и веднаш се истакнал со својата храброст, посветеност и борбеност, учествувајќи во бројни воени акции – од освојувањето на селата Ресава, Гарниково, Фариш, до борбите во околината на Никодин. Постигнувајќи ги своите борбени успеси, станал пушкомитралезец. Особено впечатливо е неговото учество во борбата во селото Ноти, и воопшто – решителноста и непоколебливоста против германско-бугарските сили.

Во битката кај с. Тресино, Воденско, на 4 април 1944., тој бил тешко ранет, но не се предал, борејќи се со голема храброст. Тоа го прави еден од најистакнатите македонски национални херои од овие краишта. Загинал на безмалку 25 години.

Лазо Мицев, преку својот живот, е пример за храброст, посветеност и љубов кон слободата. Неговите подвизи сведочат за големата улога што ја имал во воената историја на Македонија. Тој е олицетворение на човекот што се жртвува за слободата и независноста на својот народ и татковината.

МИА