Италијанскиот фудбалски клуб Интер потврди дека капитенот на тимот, Лаутаро Мартинез, заработил повреда по медицински прегледи.
Станува збор за истегнување на мускулот на левиот лист, здобиено при поразот од 1-3 против Бодо/Глимт во Лигата на шампионите.
Сепак, според „Скај Спорт Италија“, паузата би можела да трае најмалку еден месец, со што се потврдуваат и зборовите на тренерот Кристијан Киву, кој веднаш по натпреварот изјави дека се работи за сериозна повреда.
Тоа значи дека Лаутаро Мартинез ќе го пропушти реваншот против норвешкиот тим, но и големото градско дерби со Милан на 7 или 8 март, натпревар кој може да биде клучен во трката за титулата во Серија А.
Аргентинецот е водечки стрелец на „нероаѕурите“ во шампионатот со 14 голови на 25 натпревари сезонава, а има и четири погодоци во осум настапи во Лигата на шампионите.
По поразот во Норвешка, проблеми имаше и Пјотр Зиелински, но неговите денешни медицински тестови не покажале повреда, па ќе му биде на располагање на Киву за гостувањето кај Лече.




