Белград е домаќин на дводневниот самит по повод 60-годишнината од основањето на Движењето на неврзаните (ДНЗ), на кој учествуваат повеќе од 105 земји, девет делегации од меѓународни организации и 40 министри за надворешни работи.
Со усвојување на дневниот ред Самитот, говорот на претседателот Александар Вучиќ и преку видео пораката на претседателот на Азербејџан и претседавател на ДНЗ Илхам Алиев започна Самитот на неврзаните на Белградскиот саем.
Српскиот претседател во својот говор истакна дека меѓународната соработка со почитување на основните принципи е единствен начин за развој и просперитет на човештвото и посочи дека Агендата за одржлив развој на ООН 2030 нагласува и промовира три принципи – мир и безбедност, развој и човечки права.
-Србија, како правен наследник на Југославија, основач на ООН и ДНЗ е горд промотор на политиката на мултилатерализам и почитување на меѓународните норми, кажа тој.
Вучиќ наведе дека одбележувањето на првата конференција на ДНЗ во 1961 година е желба да се оддаде почит на Движењето, кое даде значаен придонес за време на блоковската поделба и кон визијата заснована на почитувањето.
-Од сите наши борби, најболната е онаа насочена кон зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет, односно решавање на прашањето за Косово. Борејќи се за својот суверенитет и територијален интегритет, Србија истовремено ги брани универзалните принципи на Повелбата на ОН и меѓународното право, но и некои од клучните принципи врз кои е основано Движењето на неврзаните земји, кажа Вучиќ.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, оцени дека денешниот собир во Белград, по повод 60-годишнината од основањето на Движењето на неврзаните земји, се одржува во време на исклучителни глобални предизвици.
-Неврзаните земји придонесоа за глобална солидарност за време на кризата предизвикана од коронавирусот, изјави Гутереш во видео порака.
Тој изјави дека неврзаните имаат значајна улога во процесот на намалување на нуклеарниот арсенал и зајакнување на единството во светот.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја пренесе оценката на рускиот претседател Владимир Путин дека членовите на таа организација имаат значајна улога во светската политика, со инсистирањето на конструктивен дијалог.
-Статусот на Русија како набљудувач во ДНЗ ја отвора можноста за нов придонес, кажа Лавров и изрази очекување дека собирот во Белград ќе испрати порака дека еднаквоста меѓу државите нема алтернатива.
Тој оцени дека ДНЗ е способно да ги заштити своите идеали, човековите права, да ја зајакне борбата против тероризмот.
Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавошуглу изјави дека е драматично што 60 години по Првата белградска конференција на неврзаните, се уште се говори за истите принципи од таа декларација.
Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина од редовите на српскиот народ, кажа дека таа земја е под протекторат на САД и одредени земји од ЕУ.
Меѓу учесниците на Самитот се и претседателот на Гана, Нана Акуфо Адо, синот на првиот египетски претседател и еден од основачите на движењето на неврзаните Гамал Насер -Абделхаким Гамал Абдел Насер, околу 40 министри за надворешни работи, бројни специјални пратеници од Азија, Африка, Латинска Америка како и специјалните гости шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи Мевљут Чавошуглу.
60 години од првата конференција на Движењето на неврзаните, Белград повторно е домаќин на Самитот на неврзаните. Денес, движењето брои 120 членови и 17 земји набаудувачи. Првата конференција на Движењето на неврзаните се одржа во 1961 година во Белград, главниот град на поранешна СФР Југославија, која беше еден од основачите на таа организација. Србија има статус на набаудувач во Движењето на неврзаните.