Четириесет и шест затворенички се сместени во женското одделение во најголемиот затвор во земјава, Идризово. Најмладата има околу 20 години – осудена за препродавање дрога, најстарата околу 60 – осудена за убиство на сопругот, кој, како што раскажа во разговор со екипата на МИА, со години вршел физичко и психичко насилство врз неа.

Единствено во Идризово постои посебно одделение за жени, каде што казната затвор ја издржуваат осуденички од целата територија на земјава, кои се осудени со правосилна пресуда на казна затвор или малолетнички затвор независно од висината на казната.

Освен што се грижат за храната во затворот – пет затворенички работат во кујната и ги приготвуваат појадокот, ручекот и вечерата за околу илјада затвореници, женските затворенички шијат и постелнини, а посетуваат и обуки за фризерки. Сепак, за да ги поминат обуките за кроење и фризер, мора да имаат завршено основно образование, а повеќето од нив немаат.

Имаат една воспитувачка која се грижи за нивната ресоцијализација. Меѓу затвореничките има интерес да се дообразоваат. Околу 26 од нив немаат завршено основно образование, но како што ни кажаа од Управата, тие се со помали казни затвор. Таму, на пример, нема ниту една осуденичка која лежи доживотен затвор. Највисоката казна е 20 години за убиство, останатите во просек се по пет години, најчесто за разбојништво, кражби, препродавање дрога, трговија со деца.

-Само што ќе го почнат образованието, ќе излезат од затворот, а потоа надвор не продолжуваат, ни кажаа од Управата.

Доколку се заинтересирани основното образование го завршуваат во машкиот дел, каде што доаѓаат наставници од Макаренко, со кого затворската управа има склучено договор. Имало некои предлози од Министерството за образование да се направи некој вид комбинирана настава за да може во покус временски период да се оформи основното образование, да се скратат, на пример, три години во една.

Случајот Шефие Јакупи

Од Управата ни кажаа дека повеќето жени кои се осудени за убиство на сопрузите биле жртви на семејно насилство, поради што добиваат и помали казни, но таков не е случот со Шефие Јакупи, по потекло од Кичево, која од својата 19 година заминала да живее во Германија, формирала семејство со својот сопруг, а според нејзиното кажување, на 54-годишна возраст, по години претрпено психичко и физичко насилство, го убила. Убиството е извршено свирепо, таа го исечкала неговото тело на парчиња и го фрлила во веце-школка.

Случајот во медиумите во 2008 година беше познат како „Касапката од Диселдорф“. Осудена е на 20 години затвор. Отслужила девет, а две и пол години била и во Демир Хисар, ама тие не ѝ се пресметани во казната. Со тага во очите вели дека е одговорна за злосторството, но дека никогаш не успеала да ја каже својата приказна.

Сега има 64 години, во разговор за МИА вели дека е болна, живее со еден бубрег и со камења во жолчката, а во затворот не ѝ даваат соодветна терапија.

Вели дека за убиство на сопрузи други жени кои биле подложени на насилство лежат многу помалку, една била осудена на пет години, а излегла за четири.

-Злосторството го направив во Германија, ама не ме прашаа зошто, јас сум малтретирана жена, да дојде некој да ме праша, тогаш имав 54 години, а сопругот имаше 60. Имам седум внуци, со години не сум ги видела, имам уште 11 години затвор, немам на кого да се пожалам, јас не знам да лажам, да мамам, тука прават сплетки, даваат, зимаат. Мојот случај беше одбрана, досега не сум кажала ништо, не знаев македонски, бев во шок, јас сум од Кичево. Сакам да ја кажам мојата судбина, па ако треба нека ми дадат уште 20 години, нека ме обесат, нека ме отепаат. Сакам да ја кажам мојата судбина, во суд не ја кажав. Бев во шок под терапии, ама јас немав потреба од терапии, бев во мака од маж, сега не пијам терапии, не ми требаат. Ама јас што сум патела, јас кажувам искрено, јас сум искрена жена. Еден адвокат тогаш ми викаше да молчам, ни раскажа таа говорејќи на македонски јазик со забележителен германски акцент.

Ни ги покажа фотографиите од децата, внуците, ни кажа дека била домаќинка, се грижела за семејството, ги пораснала своите деца, но во еден момент, како што ни рече, препукнала од условите во кои живеела и тортурата на која била изложена.

Нејзиниот сопруг, македонски државјанин, Абаз Јакупи, во Диселдорф беше искасапен на парчиња во нивниот стан и делови од неговото тело завршиле во ВЦ-школка и во постројка за уништување отпад.

Во разговорот со неа таа го призна убиството, но не говоревме за начинот на кој го извршила.

-Сине мој, нема правда тука, тука има само да уништат. Секој човек прави грешки, ама таа грешка зошто би ја направила, јас сакав само да го чувам семејството, тој ми ја затвори вратата, надвор да не одам, да ме коле, од осум до два и пол дента се колевме, стално беше пијан, по курви, пари од мене криеше, јас бев домаќинка, вредна, педантна, ја раскажува својата страна од приказната Шефие Јакупи, која вели дека низ судскиот процес била советувана од адвокатите да молчи, да не открива премногу детали.

Женското одделение со похумани услови, но сепак далеку од европските стандарди 

Средени ќелии, „скоцкани“ кревети, стикери на ѕидовите, а негде и теписони, беше сликата што, како што прилега за жените, беше уочлива во нивните ќелии. Во сите „пансиони“ имаше телевизори, масички и столчиња. Повеќето се пофалија на добрите услови, на одличната храна, но имаше исклучоци кои се пожалија дека во ќелиите е студено и дека немаат соодветна здравствена заштита. Во рамки на втората фаза на реконструкцијата предвидени се сосема нови објекти и за женското одделение.

Во делот од затворот каде што се сместени женските осуденички не смеат да влегуваат мажи, затворските полицајци се жени. Тринаесет жени полицајки се грижат за безбедноста, по три во смена.

Во отвореното одделение има четири соби и околу десет затворенички, а во една од нив 30-годишна жена, која е таму седум и пол години, а ѝ остануваат уште три. Осудена е за соучество во убиство, кое го извршил татко ѝ и за разбојништво. Во затворот дошла на 21 година, една година била надвор заради бременост и раѓање на детето.

-Тука работам во пералната и никогаш не би се вратила. Кога ќе излезам ќе му се посветам на бебето, на работа, кога би можела, имам роднини во странство, би одела таму, вели таа во разговор со новинарите на МИА.

Некои од затвореничките се задоволни од ќелиите во затворениот дел на женско, но сепак, велат, греењето не е доволно, не се пушта во текот на целиот ден. Во некои ќелии имаше скршени прозорци, врати.

– Прво, немаме прозорци, замрзнавме. Има влага, пријавивме вратата да се поправи, ама тоа не се случи, џамовите фурат, искршени се, навечер смрзнуваме. Се грееме со парно, ама не го пуштаат постојано. Јас требаше денеска да си одам, ама направив една грешка, имам пишано молба, бев премногу дрогирана, направив грешка, лежам за разбојништво, изјави една од затвореничките во разговор за МИА.

Осудена е на две години, ама со амнестијата казната ѝ е намалена на 11 месеци. Требала да си оди дента кога го посетивме затворот, но поради тоа што се обидела да внесе дрога – марихуана и кокаин во затворот, нејзиното отпуштање е одложено.

Нема завршено основно образование, самохрана мајка е на две деца, била зависничка од метадон, но вели веќе девет месеци во затворот не прима терапија.

Затвореничките се пожалија дека не ги отпуштаат навремено кога ќе ја отслужат затворската казна, дека документите за нивниот отпуст заглавуваат некаде низ административните лавиринти на Управата. Велат, нема координација меѓу судството и затворите, па наместо да излезат на денот кога ја отслужиле казната, понекогаш остануваат и до еден месец повеќе во затворот.

Кавги меѓу жените има, дури и тепачки, има рецидивистки, некои осуденички по трети или четврти пат се во затворот.

Екипата на МИА имаше можност да ја посети и самицата во женското одделение, но по сè изгледа таа не е во функиција, а од Управата ни посочија дека од хумани причини одбегнуваат да ја користат.

И женските затворенички во разговор за МИА велат дека има корупција во затворот, а во нивното одделение, според нивните кажувања, дури и некој вид проституција.

-Можеш да работиш за Управата. Навечер ги гледаме кога некои од затвореничките излегуваат, девојките од затворениот дел тука, навечер работат за Управата. Тие што се на подолго осудени и никој не им праќа пакети имаат некој во Управата, изјави една од затвореничките, која побара анонимност.

На нашето прашање дали им се плаќа за тие ноќни авантури, таа ни одговори дека се плаќа со привилегии.

-Тие ги имаат сите ингеренции во затворот, им даваат фрижидери, телевизори, вели таа.

Некои од затвореничките се незадоволни од затворските полицајки, некои пак велат дека тие си ја работат работата и дека и ним не им е лесно.

-Тука ни се многу добри условите. Како и да е, мора да го одлежиме затворот, вели една од затвореничките, која е осудена на 13 години за трговија со дете, а е на почетокот на отслужувањето на затворската казна.

Секој ден имаат прошетка од еден до три часот, исто така и можност за капење, но се пожали дека е студено во ќелиите.

-Кај кого да се обратиме и ние не знаме. Колку што можат командирките се јавуваат да ни помогнат. Струја немаа жените по десет дена. Кај кого да се обратиме? Ако се обратите кај некого, лошо ќе мислат дека зборуваме и затоа си ќутиме, ни изјави затвореничката, која е мајка на седум деца.

Таа вели дека Управата не дозволува недозволени работи да се внесуваат внатре – телефони, дроги, а на нашето прашање дали има дрога во затворот ни рече: „Има, има дрогерашките што носат, после службата крива, не е крива службата, командирките после ги напаѓаат тие се криви, тие не се криви, поединци прават проблеми и страдаме поради нив. Командирките не се криви и тие се жени и тие тука се 24 часа со нас во затвор, се расправаат со секакви будали“.

Затвореничката изјави дека им забраниле влажни марамчиња, поради тоа што најверојатно некоја затвореничка се обидела на таков начин да внесе дрога во затворот и на новинарот од нашата екипа му кажа дека и тој како маж да седи таму со нив 24 часа нема да издржи.

Затворска ресоцијализација

Лицата кои отслужуваат затворска казна, меѓу другото, треба да се ресоцијализираат, на некој начин да се превоспитаат за да се интегрираат во општественото живеење по нивното излегување. Во Идризово во моментов ресоцијализацијата е слаба страна. Повеќето затвореници ни се пожалија дека не се работно ангажирани, а Управата, доколку сака да го стори тоа, има врзани раце поради тоа што познатите Економија и Препород речиси и не функционираат.

Женските затворенички работат во кујната или оние што имаат основно можат да посетуваат курсеви по шиење и фризер. Мажите можат да работат во кантината, во автомеханичарската работилница, која е во фаза на разработување, да месат леб. Специјални психолошки програми за работа со нив не се спроведуваат, психолози имаат, четворица на број, но тие се тука само доколку некој затвореник побара помош од нив.

За разлика од пред една година, кога вработените во секторот за ресоцијализација беа надвор од затворската зграда, сега се сместени во затвореното одделение со работно време од 8 до 16 часот. Вработени се 29 лица.

-Претходно имаше 1.900 затвореници. Самата слика ви покажува дека со тој број на воспитувачи не може да се тера програмата на ресоцијализација, таа да оди во вистинската насока. Во овој момент состојбата е сведена на 35 – 45 затвореници во група на секој воспитувач. Овие десет месеци откако јас сум дојден воспитувачите се сместени во своја просторија. За жал, кога дојдов јас воспитувачите беа надвор, не беа со затворениците. Сега целото работно време, од 8 до 16 часот, воспитувачите се внатре, заедно со затворениците. Истото се случува во зграда, во полуотвореното, во отвореното и тука и во Велес. Делот на неспоредна близина со затворениците го надминавме, во моментов имаме континуитет со правната служба, пристап до психолог и социјален работник. Сите проблеми што ги имаат треба да ги решаваме што побрзо, вели директорот на затворот Боби Мојсовски во разговор за МИА.

Го прашавме дали имаат некоја програма, како се спроведува ресоцијализацијата. Ни кажа дека кога дошол на функцијата наишол на ужасна слика со Економија со 28 неземени плати, во Препород работел само делот со кантините, преработувачкиот дел не.

-Откако сум дојден јас овој период некои делови почнавме да ги размрдуваме. Во женско одделение отворивме два салона, еден фризерски и кројачки дел, каде што самите затворенички шијат постелнина за самиот затвор. Внатре во затворот со помош на Пакомак ни донираа преса, сето ѓубре, пластика, хартија го собираме и за тоа самите затвореници добиваат надомест, но и самиот затвор добива некој приход. Тоа е еден мал дел засега, следната фаза е го подготвуваме новиот сервис во отворено, многу модерен нов сервис, каде што ќе почнеме да работиме на одржување на возилата, не само за нашиот затвор, но ќе нудиме услуги и за затвор Скопје, истакна Мојсовски.

Побаравме од него да ни одговори зошто повеќе не функционира Економија, а тој ни посочи дека тоа е посебен дел, кој е под Владата, за кој тој не може да даде одговор.

-Дел од земјиштето е трансформирано од земјоделско во градежно. Во моментов сме во преговори со самата влада, имаме и допис за делот на земјиштето додека не почне да се гради да ни го дадат на нас, на затворот, за да можеме во тој период да го обработуваме. Сега во моментов немаме право да го обработуваме, вели Мојсовски.

Другата страна на приказната се затворениците. Повеќето велат дека не се ангажирани да работат за побрзо да им помине времето.

Некои од нив ни кажаа дека затворот е „академија за криминал“.

– Имаме воспитувач, ама за да одиш до кај воспитувачот, прво ќе јадеш шамари и нема да успееш да отидеш да стигнеш до него. Доаѓа воспитувачот ондека, ќе одиш до кај него, ќе изедеш некој шамар и назад ќе се вратиш. Тука воспитувачот, наместо да воспитува, тој повеќе те вади од памет, имаш мака да споделиш за семејство, за едно, за друго, тој те брка. Улогата на воспитувачот е проформ, вели еден затвореник, кој побара анонимност.

Повеќето сметаат дека се деградирани со тоа што не им даваат да работат за корисно да го поминат времето, а со тоа да не размислуваат за криминал. Повозрасен затвореник ни рече дека кога ќе излезе ќе се занимава со внуците и дека ќе ги учи да не прават лоши работи.

Македонија се надева дека во јуни ќе ги почне преговорите со ЕУ, првото поглавје што ќе се отвори е 23, што се однесува на правосудството и на фундаменталните права. Тука спаѓаат и спречувањето тортура и затворскиот систем. ЕУ ќе ја чешла состојбата во македонските затвори, кои со години наназад во извештаите на сите релевантни институции беа цел на критики. Им се забележуваше пренатрупаност, тортура врз затворениците, нехумани и супстандардни услови за сместување, немање програми за ресоцијализација.

Најголемиот затвор во Македонија, во кој се сместуваат речиси 60 отсто од затворениците во земјава, во кој меѓу другите казна издржуваат 95 странски државјани, околу 40 лица осудени за педофилија, но и осудените за Диво насеље, ги раздвижува работите, мрда од место, има одредени подобрувања, но потребни се време и силна волја да се стави на здрави основи и да се надградува нешто што толку години се запоставувало.

А токму затворите ќе бидат сликата што ќе покаже колку земјава всушност сака да биде европска и колку ги почитува човековите права на сите нејзини граѓани, без разлика на која категорија ѝ припаѓаат.

Ана Цветковска/МИА

Борис Куноски/МИА