Интерпелациите кои владејачката коалиција ги поднесе за Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми, на дневен ред можат да се најдат најрано за 20-тина дена. Собранискиот спикер Африм Гаши за Канал 5 вели дека тајмингот ќе зависи од тоа дали и кога ќе добие одговор на иницијативите од засегнатите. Според Деловникот, имаат рок од најмногу 10 дена од денот на приемот на интерпелацијата.. Откако ќе ги добие одговорите, Гаши има уште најмногу 10 дена да ги достави до пратениците, а потоа интерпелациите треба да ги стави на дневен ред на првата наредна седница.
Според ова, се очекува гласањето да биде кон крајот на овој месец, но со оглед дека зад иницјативата застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство извесно дека тие ќе бидат изгласани… Но, неизвесно е дали тоа ќе биде доволно, членовите да си поднесат оставки.
-Интерпелацијата е само некој вид на притисок којшто може да се направи врз членовите на Судскиот совет за да си поднесат самите оставки, меѓутоа не значи и разрешување на истите. Ние како граѓански сектор откако се случија сите оние настани во Судскиот совет минатата година со разрешувањето на претседателката во неколку наврати излеговме со јавни реакции и апел дека членовите на Судскиот совет треба да си поднесат сите оставки за да може да се комплетира како тело во коешто навистина сите би имале доверба во истото. Но тоа не се случи и по јавниот притисок. Така што искрено не очекувам и доколку биде изгласана интерпелација од Собранието дека членовите би поднеле оставка, изјави Петковска.
Засега од власта не соопштија конкретен план како би се избрале новите членови на Судскиот совет, доколку актуелните се повлечат и дали ќе важат сегашните или новите законски измени кои ги изготвува работната група во министерството за правда согласно препораките од оценската мисија на ЕУ, кои треба да предвидуваат многу построги критериуми. Согласно планот за раст на ЕУ измените треба да бидат донесени до јуни.
-Законската рамка и законските текстови не се секогаш проблем туку многу поголем проблем е начинот на којшто истите се имплементираат. Сега е во тек работата на работната група за измени на Законот за Судскиот совет, но сепак во иднина многу поклучно ќе биде на кој начин членовите на СС ќе го толкуваат истиот и ќе го применуваат во пракса. Ќе очекуваме понатаму од СС баш да се ангажира околу начинот на кој ќе го имплементира законот за да можеме да имаме една претстава дека навистина работи и се труди да ги имплементира пред се препораките на оценската мисија на ЕУ, вели таа.
Пред повеќе од една година ЕУ достави 40 препораки за реформа на Судскиот совет по серијата скандали во ова тело. За 23 од нив се потребни законски и уставни измени, а се однесуваат на критериумите за избор и разрешувања на членови на Судски совет, дискутабилна е и дефиницијата „истакнат правник“ која се наоѓа во актуелното законско решение за изборот на нов член, а ќе се разгледува и должината на нивниот мандат, начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, компетентноста и транспарентноста.