Норвешкиот огранок на Кока-Кола го претстави својот специјален пијалак за муслиманскиот празник Рамазан, додавајќи ја полумесечината врз логото на своите шишиња, што се случува првпат во долгогодишната традиција на интернационалниот конгломерат.
Кока-Кола во Норвешка е позната по своите етикети по повод христијанските празници, па годинава, соопштија од компанијата, сакаат да го празнуваат и Рамазан со муслиманите во оваа скандинавска земја.
Овој потег, сепак, предизвика жестоки реакции на интернет.
– Во муслиманските земји, ние имаме долга историја на одбележување на Рамазан, исто како што во оваа земја имаме традиционална христијанска кампања. Сега сакаме првпат во Норвешка да го прославиме Рамазан со норвешките муслимани, рече Јохана Косановиќ, маркетинг менаџер на Кока-Кола во Норвешка.
Со тоа, како што додава таа, компанијата сака да ја покаже својата заложба за почитување на различноста во општеството.