Речиси четири часа откако беше известена, противпожарната служба на Грција успеа делумно да го стави под контрола пожарот што избувна претпладнево во областа Лагониси во регионот Атика, на околу 40 километри од центарот на Атина.
Од грчката Противпожарна служба соопштуваат дека во гаснењето учествуваат 30 пожарникари со 11 возила, шест возила од специјалниот сектор за операции со 20 службеници и 16 лица од пешадиската единица, два авиони и два хеликоптери, додека пак надлежната Општина помага со четири цистерни со вода, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот избувнал од сува трева во близина на населено место, но без да бидат во опасност домовите што се наоѓаат во близина.
Навремената и ефективна интервенција на противпожарните сили ја ограничи опасноста од проширување на пожарите и ја спречи веројатноста да биде нанесена материјална штета на домовите, соопштуваат од Противпожарната служба на Грција.
За причините за пожарот започната е истрага.