Народно ослободителната армија на Кина по намалувањето на бројноста ќе има речиси два милиона војници, се нагласува во денеска објавената „Бела книга за националната одбрана на Кина во новата епоха“.
– Триста илјади лица од составот се намалени за да се поддржи бројноста на армијата во рамки на два милиона војници, е наведено во Белата книга.
На тој начин, како што е посочено во Книгата, бројот на вработени во раководните единици е намален за 25 отсто, а во невоените формации за 50 проценти.
Пред почетокот на реформата во 2015 година, кинеската армија имаше 2,3 милиони луѓе.
Во Белата книга, исто така, се наведува дека трошоците за одбраната на Кина, во согласност со националниот економски развој, ќе задржат умерен и стабилен раст.
Според документот, оваа година Кина има намера да ги зголеми расходите за национална одбрана од 7,5 отсто на 1,19 трилиони јуани (околу 177,61 милијарди долари).