Реализирајќи го Фељтонот за Македонците во Загреб, распрашувајќи се, истражувајќи, хрватските домаќини без двоумење нè упатија дека сè ќе ни биде јасно доколку со најдобрата такси-компанија во градот „Камео“ отидеме во националниот ресторан „Св. Никола“.

Пријатно изненадување беше откритието дека такси-компанијата е сопственост на 36-годишниот Македонец, велешанецот Владо Миновски, како и дека тој со татко си Коста Миновски се сопственици на еден од најдобрите национални ресторни во центарот на Загреб, македонскиот национален ресторан „Св. Никола“.

Уште поголемо изненадување ни беше сознанието дека групацијата „Камео“ работи не само во Хрватска, туку и во земјите во регионот, и дека минатата година имала обрт на капитал од 14 милиони евра.

Владо Миновски е сопственик на „Камео“. Тоа е една од најголемите хрватски такси-компании и групации, која покрај Загреб, работи и во 25 града низ Хрватска. Миновски го има проширено бизнисот и во Словенија и во Србија и вкупно поседува 700 такси-возила, со 1 200 вработени лица. Уште попознат е по софтверот „Такси-навигатор“, кој преку ГПРС-технологијата е современо ИТ-решение за ефикасна работа на такси-службите, според кој работат 12 000 возила во регионот, меѓу кои и во Македонија, Европа и во светот.

Владо Миновски во 1998 година на 15-годишна возраст со родителите од Велес се сели во Хрватска, во Далмација, каде што почнуваат бизнис со угостителство и туризам. Таму почнува професионано да се занимава со кошарка, во КК Сплит – поранешна Југопластика, по што кариерата ја продолжува во БиХ, Словенија, Словачка, Германија.

– На мои 24 години родителите се селат во Риека, каде што отвораат такси-станица, а јас поради тоа што имав повреда на ‘рбетниот столб не можев да играм кошарка и се приклучив во фамилијарниот бизнис. Во Риека од 2006 до 2013 година од 13 автомобили нараснавме на 27 возила. Таму одлично бевме прифатени и имавме околу 70 вработени. Потоа на ред дојде Осиек, каде што фамилијарно решивме јас сам да го проширам бизнисот со такси-компанијата и да се обидам сам да работам на еден поинаков и помодерен начин. Така од 2010 – 2012 година во Осиек создадов голема такси-компанија со околу 50 вработени, кажа Владо Миновски.

Името „Камео“ потекнува од скапоцен камен што ги менува боите. Како и овој скапоцен камен, така и Миновски со „Камео“ во 2011 година го шири бизнисот во Загреб, каде што создава една од најголемите такси-компании со сопствена плинска станица. Паралелно тој се шири низ цела Хрватска или, како што кажа, „речиси во сите најголеми градови и помали градови сме присутни, во цела Далмација, од Умаг до Дубровник“. Во Загреб поседува 150 возила со вкупно 320 вработени, додека на ниво на цела Хрватска се вработени 800 лица. Има своја такси-служба и во Словенија, во Љубљана, а во Србија, во Белград и другите градови има 50 возила со 170 вработени. На ниво на групацијата „Камео“, вклучувајќи ги Словенија и Србија има 700 возила со 1 300 вработени.

– Тешко беше да се пробие монополот на старите таксисти и никој не можеше дотогаш да влезе на такси-пазарот. Имавме напади, закани, тепачки, кршење на автомобилите, но издржавме, успеавме поради тоа што имавме цел да опстанеме и поради тоа што воведовме нешто ново, што го немаше во Загреб, а тоа е евтин, безбеден и квалитетен превоз.

Во 2013 година по „конструктивни и позитивни разговори со татко ми околу моите визии за дигитален развој, дигитална трансформација и воведување нов систем со ново ИТ-решение“, Миновски воведува во бизнисот нешто ново во работата на такси-компаниите, го создава и развива софтверот „Такси-навигатор“.

– Имено, тогашните радиостаници на такси-службите станаа застарени. Ние направивме наш нов дигитален софтвер, „Такси-навигатор“, еден вид ИТ-семафор, кој преку ГПРС-технологијата е современо ИТ-решение за модерна и квалитетна работа на такси-компаниите. Тој ни овозможи брз раст и брзо ширење на пазарот. Во моментов околу 12 000 возила во целиот регион работат според овој софтвер, и во светот, а го извезовме и во Катар. Секако, овој софтвер го извезов и во Македонија и него го користи секоја посериозна такси-компанија и го има речиси во секој град, ни кажа сопственикот на групацијата „Камео“, Македонецот од Загреб, Владо Миновски.

Со овој софтвер или, како што ние барем го сфативме, такси-навигатор семафор, тој како сопственик, но и останатите директори и сопственици во регионот ги имаат сите потребни алати за следење, менторирање и развивање на такси-превозот во секој град одделно, повеќе градови наеднаш или на цела регија.

– Овој софтвер има пет елементи. Има модем за менаџмент, модем за кол-центар, модем за возачи и апликација и следење, модем за администрација и сметководство, модем за патниците за нарачување на такси-превозот. Тоа е еден вид семафор за секој град што се врти на секои 10 секунди, на кој гледаме колку повици има во моментот, колку се на чекање, колку има пропуштени повици, колку време е потребно операторот да се јави, колку просечно траат повиците откако се јавува операторот, колку активни возила има во моментот. Сите најбитни елементи што се неопходни за работење на такси-службата се наоѓаат на овој семафор. Секој менаџер по градовите од овој семафор гледа дали нешто отскокнува од она што е вообичаен стандард и доколку отскокнува, тогаш семафор се зацрвенува и тие веднаш реагираат да ги вратат работите во стандардите. Дури има и „паник аларм“, скриено копче кај возачите, доколку има некаков проблем да може да реагира, и тогаш целиот екран на семафорот се зацрвенува во кол-центарот и кај дежурните и кај возачите во близина, со што ги намаливме нападите и грабежите, вели Миновски, демонстрирајќи ни го изумот.

Ние во моментов на семафорот видовме 1 170 повици, од кои 1 166 регистрирани повици, 10 пропуштени и 1 100 одработени повици од 7:00 до 12:00 часот.

– Во 2013-та јас продолжив да ја развивам работата со софтверот и такси-службата, а татко ми Коста Миновски, како што беше угостител, продолжи да се занимава со оваа работа и го отвори македонскиот национален ресторан на кој му даде име според нашата слава – Св. Никола, продолжи да ни раскажува Владо Миновски.

– Овој ресторан во центарот на Загреб уште на самиот почеток беше одлично прифатен. Вложивме доста средства. До најмали детали внимававме на самото уредување, дизајнот и атмосферата внатре многу им се допадна на сите хрватски гости, бидејќи ја почувствуваа сета македонска топлина, специјалитети какви што дотогаш немаше во Загреб. Имаме и музика…, од Македонија дојде и познатиот кларинетист Ајнур од Велес. Имаме македонски готвачи, македонско вино, ајвар, пинџур…, дури имаме и скопско пиво, кажа Миновски.

И ние во центарот на Загреб, седејќи во ресторанот „Св. Никола“, во македонска атмосфера, музика, храна, видеобим со туристичките спотови за Македонија, со останатите гости од Загреб, сфативме колку гастрономијата може да биде наш најдобар амбасадор во светот.

– На размислување сме ваков македонски национален ресторан да отвориме и во Љубљана и во Белград, најави Миновски, кој рече дека наскоро неговата групација ќе се прошири и во Македонија.

– Планираме на крајот од оваа и на почетокот од следната година да се прошириме во сите 300 града што ги детектиравме во екс Југославија, во Србија, низ БиХ, секако и во Македонија. Сакаме агресивно да го прошириме брендот „Камео“. Секаде каде што нашите партнери такси-службите го користат овој систем, ќе им го понудиме нашиот франшизен модел, нашиот софтвер и нашиот маркетинг, нашето искуство, ќе понудиме финансирање, наши возила, со што и сопствениците и самите таксисти кои можат да ни бидат партнери ќе бидат поуспешни и ќе заработуваат повеќе, порача Миновски.

На нашето прашање каков е односот на Хрватите кон Македонците, како е Македонец да има крупен бизнис во Хрватска, Владо Миновски, кој од Велес со работата има живеено речиси во сите поголеми хрватски градови, ни одговори мудро.

– Економскиот интерес е најбитен. Поради квалитетот и ниските цени, нас веднаш нè прифатија во цела Хрватска. Исто се случи и со ресторанот, такво нешто, таков амбиент немаше во Загреб и веднаш нè прифатија. Корисниците веднаш нè прифатија, но, секако, не и конкуренцијата. Беше „огнено“, имаше подметнување, но на крајот сè испадна добро. Што се однесува на односот на хрватската држава, ние ги почитуваме законите и можам да оценам дека немавме никакви проблеми како Македонци да го развиваме бизнисот.

Инаку, Владо скромно истакнува дека ги помага Македонците во Загреб и во Хрватска, преку донации на луѓето со послаба платежна моќ, а со задоволство ја помага и изградбата на црквата „Св. Злата Мегленска“ на МПЦ во Загреб.

МИА