Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, со сопругата Мелинда и нивните три деца, престојуваа неколку денови во Црна Гора. Тие на црногорското крајбрежје пристигнале со нивната јахта „Лејди Ес“ на 28 јули, а ја напуштиле земјата во четвртокот.

Богатото семејство било сместено во хотелот „Риџент“ во ексклузивниот наутичко-туристички центар Порто Монтрнегро, потврдиле за „Вијести“ неколку гости.

Според весникот „Побједа“, Бил Гејтс, во средата посетил неколку привлечни локалитети на северот на земјата. Со оглед на тоа што Бил и семејството биле опкружени со многу телохранители било невозможно да се пристапи до нив или да се фотографираат.

Како што рекле некои од гостите во хотелот, Гејтс и неговото семејство се многу едноставни и спонтани луѓе. Основачот на „Мајкрософт“, наводно, бил особено импресиониран од атрактивноста и убавината на заливот на Бока Которска. Тој бил и на рафтинг на Тара.

Гејтс, според „Форбс“, има богатство вредно 100 милијарди долари, што го прави втор најбогат човек на планетата, по основачот на „Амазон“, Џеф Безос, кој „тежи“ 153 милијарди долари.