Народна медицина запишана од Кузман Шапкарев
Чирај, чир, болка, која расте по телото на човек како подбувнато црвено џумче со бел врв кој го покажува неговото нагнојување. Кога созрее и се продупчи, па истече густа гној, внатре останува нешто, како гнило месиште – коренот, наречен стреш. Додека не се извади стрешот, чирот не оздравува, а повторно пак се подновува. Чировите кога излегуваат сами од себе, биваат спасувачки и го ослободуваат човекот од некоја внатрешна скриена болест. Но тие се и прилепчиви.
Коментар: чирај, чир е кожна болест (позната од времето на Хипократ и Плиниј) со гнојна стафилококова) инфекција на влакнестата кесичка (фоликул) и околното кожно и поткожно ткиво, со создавање на централно поставен некротичен чеп.
Во описот на К. Шапкарев успешно е изнесена основната клиничка слика на чирот со создавање на некротичен чеп и негово значење, како за еволуцијата така и за излекувањето на чирот. (Шапкарев сигурно имал моќ на согледувања и запазувања, иако немедицинар, што така успешно ја опишал клиничката слика на чирот и неговата суштественост.
Шапкарев како да го превел со моќта на своето запазување стручниот израз „некротичен чеп“ со „гнило месиште“!). Исто така, видно е истакнат и доминантниот субјективен симптом при создавањето на чирот – болката, која постои спонтано и на притисок. Споменато е дека чирот „повторно пак се појавува“. Таквата појава на повторување на чиреви позната е во стручната литература како Фурункулосис – која зборува за некои предиспозициони фактори во прв ред шеќерната болест.
Не е точен наводот „чиревите кога излегуваат сами од себе биваат спасувачки и го ослободуваат човекот од некоја внатрешна скриена болест“. Интересно е што таквата заблуда и денес е многу распространета кај дел од нашиот народ особено кај постарите генерации.
Лекувањето денес е доста едноставно (конзервативно и хируршки), но важноста за отстранување на некротичниот чеп останува со исто значење.
Прв пат се сретнуваме со народното име за некротичниот чеп, наречен стреш, кој денес е пуштен во потполн заборав. Да не се побрка стреш (што се однесува за поимот корен – гнило месиште – некротичен чеп) со спреж – билката спреж (Кукурек) која се употребува во ветеринарната народна медицина за спрежување на болниот добиток.
Шенци, мало отечување на рацете и нозете од китките надолу, со непрестан јадеж. Тоа доаѓа кај млади и полнокрвни момчиња, како последица на простудување (проладување) – кога се преладат и рацете и нозете.
Коментар: Шенци премрзнување премрзотина настануваат како резултат на хронично оштетување на кожата на повторувачко делување на ниски температури кои не мораат да бидат под нула степени Целзиусови бидејќи придонесуваат и разни климатски фактори, како влага и ветар. Затоа тие се јавуваат не само во зима, туку и во есен и пролет, кога температурите се уште рано над нула степени. Бидејќи се појавуваат само кај поедини луѓе јасно е дека кај заболените постои одредена предиспозиција. За нивно настанување придонесува нарушувањето на вегетативниот нервен систем и периферната крвна циркулација. Промените се појавуваат исклучиво кај млади девојки и млади жени, поретко кај момчиња и тоа кај оние со добро развиено масно ткиво. Затоа точен и наводот дека шениците „се појавуваат кај млади и полнокрвни момчиња“, како последица на премрзнување.
Клинички на надворешната страна на прстите на рацете или нозете, долните делови на потколениците, работ на ушките и на носот, се појавуваат мали жаришта на црвенило на кожата, кое бргу се претвора во мек и тестест инфилтрат („мало отечување на рацете или нозете, од китките надолу“). Бојата на инфилтратот во центарот е сина, а на периферијата повеќе темно-црвена. Субјективните тегоби се појавуваат при промена на температурата, односно во топла просторија тие создаваат јадеж и болат.
Споредувајќи ги народните имиња подноктица со значење на измрзнување, замрзнување и шенци со значење на премрзнување, премрзотина, можеме да заклучиме колку успешно К. Шапкарев ја запазил разликата на последиците од еднократното делување на ниските температури (подоноктица) наспроти хроничното оштетување на кожата од повторувачкото делување, исто така, на ниски температури (шенци).
Шинвење изместување на некоја коска од зглобот.
Коментар: Од една страна со името, а од друга со недоволниот опис изнесени се две блиски механички зглобни повреди.
Под шинвење, шинување подразбираме затворена механичка повреда на меките ткива кои ја чинат целината на зглобот, без изместување на допирните зглобни површини.
Од описот „изместување на некоја коска од нејзиниот зглоб“, подразбираме травматска повреда наречена исчашување при која со силна травма, насилно и нагло се разделуваат зглобните површини, односно потполно престанува контактот помеѓу нив.
Неможноста за правилно диференцирање на овие две зглобни повреди е причина за нивно „унифицирање“.
Од книгата „По народната медицина и нејзината номенклатура во Македонија“ од Кузман Шапкарев, приредиле и коментирале група автори, Штип 1982 г. (Подготви Марко Китевски)