Неколку млади луѓе од селото Сачево денеска ги крпеа дупките на патот што води од нивното село. Велат дека подолго време општина Струмица не го исполнила ветувањето дека ќе ги санира оштетувањата на овој патен правец.

– Многу тешко се движат возилата по овој пат. Ги искршивме возилата. Некогаш и такси не сака да дојде поради лошиот пат, па затоа одлучивме со бетон да ги наполниме дупките и сами да го решиме проблемот, вели Бојан Стојанов.

На акцијата на младите жители од селото Сачево реагираа од општина Струмица. Оттаму велат дека имаат  разбирање за проблемот, но не го оправдуваат начинот на кој се решава.

– Согласно Програмата Ј6-Одржување и заштита на локалните патишта и улици на општина Струмица за 2018 година, а почитувајќи ги законските прописи за вакви градежни зафати, идната недела ќе започне крпењето на ударните дупки во градот и населените места, информираат од општина Струмица.

Во реакцијата додаваат дека нестручно изведените интервенции можат да предизвикаат и други проблеми.