Најмалку 22 лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени во земјотресот со јачина од 5,2 степени Рихтерови, кој го погоди источниот дел на Пакистан. Во земјотресот предизвикана е и голема материјална штета.

Американскиот геолошки завод соопшти дека епицентарот бил на 23 километри северно од градот Џелум, на релативно плитка длабочина од 10 километри.

На снимките и фотографиите објавени од локалните медиуми се гледаат десетици урнати згради и куќи и огромни пукнатини на патиштата.

Во загрозените подрачја испратени се војници со воздухопловни и медицински тимови за поддршка, како и ќебиња, шатори и кујнска опрема. Најголема штета е предизвикана меѓу градовите Џелема и Мирпура.

Премиерот Имран Кан изрази длабока загриженост поради оштетувањата од земјотресот и ги пренасочи сите ресурси за итна помош на настраданите, соопшти на Твитер пакистанската Влада.