Тетовци и пред зградата на општина Тетово секојдневно се среќаат со голем број бездомни кучиња, па алармираат дека не можат безбедно да се движат. Ова посебно важи за утринските часови кога одат на работа или носат деца во училишта и градинки.

-Глутници кучиња наутро има и пред зградата на општина Тетово, а се случува да лаат и да се движат кон нас. Пријавив во Јавното комунално претпријатие, но нема реакција. Од кучињата ни до продавница не може да се оди, вели револтирана жителка на Тетово која ни испрати фотографии од пред зградата на општината каде се гледаат поголем број бездомни кучиња.

Во мај во соработка со приватна ветеринарна ординација Општина Тетово по пат на јавен повик започна со работа прифатилиште за кучиња, но се третирале животните само во период од помалку од два месеци, односно до крајот на јули. Од ветеринарната станица информираат дека добиле 600 илјади денари средства на располагање со кои се третирале 84 кучиња. Кај дел од нив била спроведена еутаназија поради болеста лишманија, а дел од нив добиле стерилизација, кастрација, вакцини против беснило и слично.

Од тетовската локална самоуправа на почетокот на октомври одговорот е дека во иднина ќе се работи на проблематиката.

-Општина Тетово има предвидени средства за објавување на вториот тендер за згрижување на кучињата скитници во општината, а истиот се очекува да биде објавен за еден месец, се вели во одговорот од Канцеларија за комуникации и односи со јавност општина Тетово.