Поранешните европратеници Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн ќе бидат посредници на Европскиот парламент на состаноците на власта и опозицијата во Србија на 9 и 10 октомври, објави порталот Европски Западен Балкан (ЕВБ). Ова е потврдено во писмото на Дејвид Мекалистер, шеф на Комисијата за надворешна политика и известувач за Србија на Европскиот парламент, во писмото до Маја Гојковиќ, претседател на српскиот парламент. Во писмото се детализира првата средба меѓу претставниците на српската власт и опозицијата, закажана за 9 и 10 октомври во парламентот во Белград, со посредство на Европскиот парламент, пренесува Данас.
Осврнувајќи се на документот до кој имал пристап, весникот Данас наведува дека пораката на Мекалистер содржи и рамковна агенда на состаноците, предлагајќи на дијалогот да бидат повикани „лидерите на парламентарните групи плус еден пратеник, со можно учество и на еден политички советник“.
-Според предлогот, првиот круг од меѓупартискиот дијалог би се фокусирал на подобрување на условите за одржување парламентарни избори. Предлагаме уште две рунди на дијалог до крајот на годината, земајќи го предвид исходот на секоја претходна рунда. Потоа, во следната фаза ќе се вратиме на долгорочното прашање за подобрување на политичката атмосфера, практикита и процедурите во рамките на српското собрание. Приложена е нацрт-агенда за првиот дијалог, во која се вклучени клучните прашања поставени за време на дискусиите со политичките групи и која е содржана во најновите извештаи на Европската комисија, како и во препораките на ОБСЕ/ОДХИР. Според агендата, исто така ќе вклучиме и експерти за избори, кои ќе придонесат за дијалогот со обезбедување кратки воведни забелешки за клучните теми, се наведува во писмото на Маја Гојковиќ до Мекалистер.
Според писмото, предвидено е да бидат вклучени и европратеници на ЕП.
-Во посредувањето на дијалогот, Кукан и Флекенштајн ќе го сумираат доменот на консензусот на крајот од секој дел од агендата и ќе дадат генерална оцена за сегментите на консензусот за време на завршната сесија на дијалог, истакнува Мекалистер.
На крајот од писмото, тој изразува уверување дека „меѓупартискиот дијалог може да биде најефикасен доколку политичките групи усвојат пристап кој е практичен и отворен за градење на силен консензус за приоритетите за подобрување на изборното опкружување“, потенциракќи дека преговорите би се воделе во согласност со принципот на „Четам хаус“.
Поранешните европратеници Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн кон крајот на месец август во Белград разговараа со властите и опозицијата. Кукан и Флекенштајн беа дел од „тројката“ на Европскиот парламент која посредуваше во политичката криза во Македонија во 2015-2016 година.
Дејвид Мекалистер, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, неодамна понуди посредување на ЕУ во разговорите меѓу власта и опозицијата во Србија за изборните услови.
Потоа, претседателкаата на парламентот, Маја Гојковиќ, изрази надеж дека наскоро ќе дојде до разговори за модалитетите на организирање на парламентарна средба и за тоа
кои можат да бидат првите теми на разговорите што би можеле да започнат на 9 и 10 октомври.
Гојковиќ наведе дека писмото на Мекалистер дошло откако тој во Белград имал разговори со претставниците на политичките партии.