Актуелната власт во Република Македонија го изгреба Сонцето од Кутлеш од шахтите, го избриша од автопатот и аеродромот, но не може да го избрише од меморијата и од приватните објекти, како што е фасадата со ликот на Александар Македонски во демирхисраско Велмевци, направена во 1911 година.
– Ова е куќата на Вишовци во демирхисраското село Велмевци, на патот од Кичево кон Демир Хисар. Се наоѓа на средсело. Убава, лична, забележлива. Завршена е на 13 јуни 1911 од кога датира и фасадата. На еден дел, била нацртана и оваа апликација со приказ на владетел. На Александар Македонски. До куќата е и селската црква, па овој приказ може да го видат многу луѓе. И во тие матни времиња кога народот се нашол на удар на пропагандите, во себе си го носел своето и јавно го искажувал. Минале секакви времиња, турско, српско, бугарско, комунизам… народот преживеал се и еве, оваа слика останала до денес. Со која идеја се носеле предците? Можеби: „да не заборават внуците кои сме и што сме, оти сме Македонци“, стои запишано во сведоштвото од пред повеќе години на порталот Кичево.
Хроничарот и автор на овие фотографии што ги објавуваме искажал надеж дека „државата ќе одвои средства за да се заштити оваа стара куќа и да сочуваме уште една изворна порака од прадедовците“.
Но, наместо државата да издвои средства за заштита на тоа што е овде и наше, актуелната власт издвои пари да ги избрише трагите и од водоводните шахти. Но, со никакви „шмиргшајмни“ не може да брише во меморијата на Македонците.