Бројот на луѓе кои мигрираат во други земји нагло се зголеми во изминатите децении поради насилствата, вооружените судири, лошите услови за живот, неправедната економија и природните непогоди, објави агенцијата Анадолија.

Иако претставуваат актуелна тема на денешната светска агенда, миграциите всушност имаат длабоки корени во човековата историја, датирајќи десетици илјади години наназад.

Според последните податоци на Обединетите нации (ОН), бројот на меѓународни мигранти се искачи на 272 милиони, што е за 51 милион повеќе во однос на 2010 година, односно околу 3,5 отсто од светското население.

Европа се рангира како прв континент домаќин, кој има згрижено 82 милиони меѓународни мигранти, потоа следува Северна Америка која е домаќин на 59 милиони. Исто така, Северна Африка и Западна Азија примиле околу 49 милиони мигранти.

„Иако нациите и државите се појавија во неодамнешната историја, во последните неколку векови, миграциите и човечката мобилност отсекогаш постоеле со истата основна мотивација уште од најраните групи луѓе“, вели Кадир Онур Унутулмаз, заменик-директор на Центарот за истражување на светските миграции и професор на Универзитетот за општествени науки во Анкара, ставајќи акцент на потрагата за подобар живот.

„Иако зборуваме за глобализацијата како релативно понов феномен, постојат археолошки докази дека трговијата и миграциите на глобално ниво постоеле пред десетици илјади години“, истакна експертот за миграции кој својот докторат по антропологија го одбрани на Универзитетот „Оксфорд“.

Тој додаде дека одредени луѓе го поврзале концептот на раната миграција за номадските култури, меѓутоа, земјоделската револуција и преминувањето кон седентарен начин на живот е она што значително ги зголемило миграциите, бидејќи првите основани градови биле како магнет за луѓето однадвор, кои барале подобар животен стандард.

Професорот Унутулмаз истакнува дека миграциите се директно поврзани со човековата безбедност, без оглед дали е резултат на несигурноста која произлегува од финансиски проблеми, сиромаштија, глад, политички и културни фактори, опресија, висока стапка на криминал и насилство; затоа, двигател на мигрантите е преселба во побезбедни средини.

Тој истакна дека за разлика од општото верување, бројот на лица раселени од природни или катастрофи предизвикани од човекот е многу поголем од бројот на луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти.

Иако, прашањето на миграциите се смета за проблематично во многу делови на светот, тоа јасно носи можност за подобрување на човечката цивилизација, бидејќи многу мигранти низ историјата донеле нови перспективи и свежи идеи во своите нови средини.

„Една од централните сили што ја придвижувала човечката цивилизација биле миграциите“, вели Унутулмаз. „Низ човековата историја, мигрантите со себе донесоа нови идеи, технологии и култури, каде и да одеа.“

И покрај тоа што мигрантите првично не се добредојдени со раширени раце, општествената динамика довела до иновации, културен напредок, како и технолошки развој.

Во денешниот свет мигрантите даваат огромен придонес кон економијата, како работна сила и како претприемачи, особено во развиените и индустријализирани економии.

На пример, како во случајот со Турција, која прифати над 3,6 милиони Сиријци под статус за привремена заштита, по избувнувањето на граѓанската војна во 2011 година, мигрантите донесоа и финансиски развој.

Според извештајот на Фондацијата за истражување на економската политика на Турција (TEPAV), сириските претприемачи во Турција вработуваат 7 отсто од своите сонародници и придонесуваат кон економијата со компании ориентирани кон извоз.

– Стареење на популацијата –

Со оглед на тоа што популацијата во некои земји, особено во Европа, старее и се намалува, автоматски ги прави зависни од мигранти.

Според извештајот на Европската комисија објавен во 2018 година, популацијата во Европската Унија (ЕУ) се очекува да достигне 520 милиони до 2070 година, што значи дека би имало пораст на населението од само 9 милиони.

Сепак, според извештајот, со толку ниски стапки на наталитет, работоспособното население на ЕУ ќе се намали значително, од 333 милиони (2016) на 292 милиони во 2070 година.

Унутулмаз предупредува дека државите треба да бидат претпазливи при примањето голем број странски привремени работници или мигранти од целиот свет, односно да следат долгорочни политики наместо да целат постигнување резултати преку ноќ.

„Добропознатиот пример на Германија не треба да се заборави“, рече тој, мислејќи на периодот кога земјата прими голем број странски привремени работници од Турција во 1960-тите и 1970-тите години, но немаше никакви интегративни политики, што пак предизвика проблеми во иднина.

„Денес Германија е една од земјите што најмногу вложуваат во политиките за интеграција низ целиот свет, и таа сè уште плаќа за децениите во коишто дејствуваше на тој начин“, рече тој.

На прашањето како земјите домаќини треба да се справат со порастот на ксенофобијата и фашистичкиот наратив кон мигрантите, одговори дека овие теми мора да се постават на јасен начин.

„Многу е важно да не се етикетира некој кој ја изразува својата загриженост за миграциите како ксенофоб или фашист“, рече тој, и додаде: „Особено во ситуации кога масовен прилив на луѓе се случува во краток временски период.“

Професорот Унутулмаз рече дека властите играат клучна улога во смисла на решавање на антимиграциската агенда и дека суштината на оваа политика треба да биде заснована на односите со јавноста.

„Иако може да се случи некои специфични информации да бидат премногу чувствителни за споделување со јавноста, јавноста не треба да биде оставена во темнина во врска со нејзината ситуација денес или во иднина“, рече тој.

„Со цел да се анулираат кампањите полни со невистини на алтернативните медиуми, мејнстрим-медиумите треба да им обезбедат на луѓето точни информации“, рече тој, додавајќи дека луѓето, без разлика дали се мигранти или локални жители, треба да можат отворено да ја изразат својата загриженост.

Тој, исто така, истакна дека интеграцијата и хармонизацијата на мигрантите во општествата домаќини е значаен аспект што ќе овозможи еден вид емоционална поврзаност меѓу мигрантите и локалното население.