Новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, кој наскоро ќе биде доенесен предвидува натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство, преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, особено во соседните држави на нашата земја, вклучувајќи ја и Република Албанија.

Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој во Тирана учествуваше на конференцијата „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија”.

-Конференцијата „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија” одбележува значаен јубилеј достоен на европските вредности за почитување на различностите и за единство на сите разлики на Европа. Тоа го прави нашиот континент уште поубав и пример за почитување на правата на секоја етничка заедница во европското семејство. Тоа е голема вредност, истакна Заев на конференцијата, која се одржа во организација на Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија.

Тој истакна дека непосредно по Втората светска војна и со формирањето на македонската држава, тогаш во југословенската федерација, започнала и грижата за Македонците кои живееле во соседните земји за да се воспитуваат и образуваат на својот мајчин македонски јазик.

Со тоа, додаде премиерот, Албанија станала земја која го признава статусот на македонското етничко малцинство, и во Мала Преспа се организирала настава на мајчин македонски јазик во основното образование до петто одделение, а од страна на државата биле отпечатени и учебници.

Тој истакна дека процесот се унапредувал и наскоро започнале да се создаваат и образуваат и наставници по македонски од локалното население кое полека почнале да ги заменуваат наставниците испратени од тогашна Социјалистичка Република Македонија. Сѐ до ден денес во континуитет останува изучувањето на македонскиот јазик како предмет во училишната настава во училиштата на Мала Преспа.

-Се разбира, секогаш може и повеќе и затоа ги развиваме односите меѓу двете земји на највисоко пријателско ниво за да разговараме слободно за можностите. Зачувувањето на јазикот е од огромно значење заради тоа што ги обединува луѓето и културно ги поврзува генерациите за да можат една на друга ги пренесуваат цивилизациските вредности на човештвото, нагласи Заев.

Македонскиот јазик ќе може да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на Северна Македонија во странство, како одговор на желбите и предлозите на нашите граѓани од дијаспората.

-Токму затоа, со премиерот Рама работиме на тоа договорот меѓу нашите две држави за отворање на културно информативни центри да биде исполнет во целост. Тоа ќе овозможи наскоро во Скопје и во Тирана да имаме целосно функционални културно-информативни центри кои ќе ги бидат значаен придонес за дополнително надградување на взаемните пријателски односи, и места за факултативно неформално изучување на јазиците на двете земји. Истовремено тоа ќе бидат места каде што ќе можат да се најдатк ниги и други публикации на македонски јазик што ќе помогнат во унпаредувањето на изучувањето на јазикот на Македонците во Албанија“, рече Заев.

Тој додаде дека е важно за младите генерации уште од најмала возраст да имаат да се запознавааат со историјата и значењето на мајчиниот јазик за да се поттикне развивање на свеста за неговото зачувување и изучување.

На конференцијата, на која присиствува и македонскот премиер Зоран Заев, свои излагања имаат Македонци од Албанија, а отворена е и изложба со фотографи и книги пишувани на македонски јазик од Македонци од Албанија.

Овој значаен настан за Македонците во оваа земја, го отвори Фоте Никола во чест на постарите учители а поздравен збор имаше лидерот на МАЕИ и пратеник во албанскиот парламент Васил Стерјовски.

Тој посочи дека како македонска заедница во Албанија, благодарни се на албанската држава која што 75 години ги признава како Македонци, за разлика од „некои држави членки на Европска Унија кои не признаваат македонско малцинство и создаваат пречки на патот на европските интеграции“.

Додаде дека Македонците во Република Албанија се залагаат за мир, толеранција и коегзистенција во албанското општество.

-Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно со сите останати се грижиме за Република Албанија како наша заедничка татковина. Македонскиот и Аабанскиот народ имаат долга традиција на соработка и почитување. Со векови сме живееле под разни освојувачи, со векови сме соработувале за нашата слобода. И двата народа се бореа за изучување на својот мајчин јазик. Јазикот е обележје на еден народ, главна карактеристика по која се разликува од другите народи, нагласи тој.

-Современите состојби, бараат да се превземат чекори за изучување на македонскиот јазик насекаде каде што живее македонската заедница во Албанија. Македонците кои живеат долж македонско-албанската граница, посебно во периодот после 1991 година, поради подобри услови за живот, од руралните средини се иселуваат во градските средини, како Тирана, Корча, Билишта, Подградец, Елбасан, Драч, Кукс и други места. Денес, поголемиот број на Македонци живеат во градските средини во Албанија, отколку во руралните средини, каде што традиционално живееле. Партијата Македонска алијанса за европска интгерација, но и здруженијата на Македонците во Албанија, дадоа голем придонес за зачувување на мајчиниот македонски јазик преку организирање на курсеви во повеќе градови и области во нашата земја, рече Стерјовски.

Нагласи дека заради тоа бараат помош од албанската, но и од македонската влада, за учење на мајчиниот македонски јазик во сите населени места во Албанија каде што живеат Македонци и каде што има барање за изучување на македонскиот јазик.

-Со донесувањето на подзаконските акти на Законот за заштита на правата на националните малцинства во Албанија, очекуваме македoнскиот јазик да се учи на целата територија на Албанија каде што живеат Македонците. Се надеваме преку Фондот за националните малцинства да се финасираат медиуми на македонски јазик, да се печатат книги на македонски јазик и да унапредува развојот на македонската култура и македонскиот идентитет во Албанија. Недостатокот од учебници по предметите на македонски јазик конечно треба да се реши. Лекторатот на македонски јазик во Тирана мора да прерасне во катедра, бараме на Универзитетот Фан Ноли во Корча да се отвори лекторат по македонски јазик, додаде Стерјовски.

Македонците во Република Албанија, рече тој, ги поздравуваат добрите односи помеѓу двете држави – Албанија и Македонија и очекуваат почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

-Отворањето на македонскиот културен центар во Тирана и албанскиот културен центар во Скопје, отворањето на албанскиот конзулат во Струга и македонскиот конзулат во Корча, 24-часовното работење на граничниот премин Џепиште-Требиште, го поттикнуваат развојот на заемните братски и добрососедски односи и ја унапредуваат соработката меѓу Албанија и Македонија и Албанскиот и Македонскиот народ, додаде Стерјовски.