„Трамп е отповикан“, објавија едногласно некои од најавторитетните гласила во САД како „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, потврдувајќи го историското значење на 2019 година, кога по третпат во над 240-годишната историја на земјата бил отповикан претседател.
Датата 18 декември 2019 година ќе oстане репер по кој, настаните ќе се означуваат до импичментот на Трамп и после него.
Отповикувањето на американскиот претседател од страна на Претставничкиот дом, кој сега се соочува за судење во Сенатот по двете обвиненија од демократите, во САД беше кулминација на бурната и исполнета со настани година.
Многу од нив непредвидливи, чудни, но и тажни.
На политички план, годината започна ногу порано од календaрната, со победа на демократите на конгресните избори во ноември 2018 година. По што на 3 јануари тие ја презедоа контролата над Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, дотогаш во мнозинство на републиканците.
Првото ветување беше деблокада на федералната Влада, која веќе недела дена беше стопирана со активности поради настојувањата на Трамп да се одвојат средства за изградба на ѕид на границата кон Мексико.
Конфронтацијата помеѓу демократите, кои беа цврсти на ставот за деблокада без да се одобрат пари за ѕид, и Трамп, кој настојуваше на изградба на „убав силен ѕид“ за заштита од имигранти од Јужна Америка, траеше до крајот на јануари. Со тоа и блокадата на федералната Влада, која остана затворена 22 денови, најдолго во американската историја.
Во февруари, администрацијата на Трамп одлучи да го напушти Договорот за ракети со мал и среден дострел потпишан со Русија (Советскиот Сојуз) во далечната 1987 година. Стејт департментот тогаш испрати услови до Москва – да докаже дека повеќе нема да го нарушува договорoт со развој на нови ракетни технологии со голем дострел, најдоцна до август. Тоа не се случи и договорот, со кој се почитуваше и онака кревката стратешка безбедност на континентална Европа, а по руската инвазија на источна Украина и анексијата на Крим во 2014 година, пропадна.
Многу европски центри сега се на мета на рускиот „Искандер“, ракетен систем со мал дострел разместен во Калининград и на Крим, а Москва го диктира опстанокот и развојот на Украина.
Во меѓувреме, се случија повеќе позитивни работи: „СпејсИкс“ компанијата на Елон Маск, основач на производителот на електромобили Тесла, успешно ја докираше сондата „Драгон“ на Меѓународната вселенска станица, започнувајќи ја ерата на превоз на патници и стока во веселената од страна на приватни компании.
Калифорнискиот гувернер Гавин Њусам ја укина смртната казна и со тоа поштеди 737 осуденици кои чекаа извршување на смртна казна во оваа економски најразвиена сојузна држава на САД.
Во меѓувреме, неколкумина демокрaти објавија дека ќе се борат за номинација претседателски кандидат од Демократската партија: до април месец тоа го сторија градоначалникот на Соут Бенд, Индијана, Пит Бутиџич, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, неговата колешка од Масачусетс, Елизабет Ворен и поранешниот потпретседател Џо Бајден.
Првото полугодие го одбележаа уште два-три крупни настани, пресудни за политичката иднина на Трамп: на 18 април беше објавена цензурирана верзија на извештајот на специјалниот обвинител
Робарт Малер за врските меѓу изборниот штаб на Трамп и Русија и детали за наводната опструкција на правдата од самиот претседател.
Од друга страна, рејтингот на Трамп во мај се крена до 46 отсто, највисоко ниво на популарност на претседателот кое повеќе нема да биде надминато, посебно не откако демократите отворија истрага за негов импичмент неколку месеци подоцна.
На средба во демилитаризираната зона меѓу Јужна и Северна Кореја во јуни годинава, Трамп стана првиот американски претседател кој некогаш стапнал на севернокорејска територија.
На неговата втора средба со Ким Џонг-ун, претседател на Северна Кореја (првиот самит беше на крајот на февруари во Ханој), двајцата лидери се договорија за рестарт на преговорите за денуклеаризација на земјата. Оваа и претходната средба со корејскиот деспот беа објавени со многу помпа од Администрацијата. Трамп се претставуваше како лидер кој успеал да го скроти разулавениот комунистички режим со постојаните тестирања на нуклеарни проектили пред носот на американската војска стационирана во бази во Јужна Кореја и Јапонија.
Сите надежи за некаков дипломатски пробив завршија набргу откако Пјонгјанг изведе неколку тестирања на балистички ракети по извиканата средба во јуни а за инает на Трамп.
На економски план, годината ја одбележаа неколку значајни собитија.
Таканаречените „трговски војни“ на САД со Кина и ЕУ, како зголемување на царините за 25 отсто за увоз на стоки од Кина во вредност од 200 милијарди долари и за увозни стоки од Европа во вредност од 7.5 милијарди долари. Пекинг и Брисел одговорија дека ќе преземат реципрочни мерки, преговорите сеуште траат но по се изгледа во полза на Трамп.
Економијата во САД на третата година од владеењето на Трамп е во бум.
Администрацијата изведе успешна даночна реформа, земјата има стабилен индустриски растеж, вработеноста се зголемува, потрошувачкиот сектор и куповната моќ на граѓаните е ненадмината, бројките се позитивни дури и кај ранливите групи како афроамериканци и јужно-американци, платите се високи. На надворешен план, трговската војна со Кина е во полза на Вашингтон, Конгресот деновиве ќе одобри и нов поповолен договор за бесцаринска трговија со Мексико и Канада (замена за напаѓаниот НАФТА); САД се први во производство на сурова нафта во светот и се помеѓу десетте најголеми извозници на енергенсот во светот.
Сите овие успешни економски потфати и адути се основа за можен реизбор на Трамп во 2020 година.
Како и во претходните, и оваа година не беше поштедена од стотици масовни пукотници низ САД (вкупно 409) при што загинаа над 480 лица. Најтрагичниот месец беше август кога едно подруго (на 3 и 4 август), во две сојузни држави се случија две неповрзани масовни пукања.
Првото се случи во Ел Пасо, Тексас, кога вооружен напаѓач упадна во супермаркет на „Волмарт“ и уби 22 лица, а ранети беа 24, додека второто во Дејтон, Охајо, кога напаѓач пред ресторан на отворено уби 10 лица, а рани 27, пред да биде убиен од полицијата.
Иако повторно имаше повици за контрола на слободното носење оружје, протести на ученици и студенти кои се најранливи на ваков тип на напади, на глобален план уникатни само за САД, засега, барем во време на републиканската власт, нема најави за реформи на Вториот амандман на Уставот.
Вниманието на јавноста во САД во второто полугодие беше насочено кон започнатата истрага на Конгресот за импичмент на Трамп, откако свиркач од безбедносните служби вработен во Белата куќа посочи докази од сомнителен телефонски разговор помеѓу Трамп и неговиот украински колега Володомир Зеленски. Повикот се случил на 26 јули.
Како резултат на ова, демократите го обвинија Трамп за злоупотреба на власта во обид да го принуди државниот врв на Украина да спроведе истрага за политичкиот ривал Џо Бајден, и опструкција на работата на Конгресот, во време кога законодавците, во септември и октомври, спроведуваа истрага за овој случај.
Трамп наводно направил класична уцена со 391 милијарда долари намерно задржана воена помош за Украина за да изнуди истрага од Украинците во негова политичка корист. Демократите обвинуваат дека со тоа претседателот повикал странска сила да се вмеша во изборите на САД, што уставно е протолкувано преку делото „квид-про-кво“ (услуга за услуга), како тешка злоупотреба на службената положба.
По исцрпните повеќенеделни сослушувања во Конгресот на сегашни и поранешни дипломати, високи официјални лица од админстрацијата, амбасадори и експерти, Претставничкиот дом одлучи да подигне две обвиненија против претседателот, за злоупотреба на моќта и за попречување на законодавната власт.
На клучното гласање во Претставничкиот дом на 18 декември 2019 година, веќе историска дата за САД, Трамп беше отповикан од должноста претседател.
Борис Камчев за МИА