Неисправната електрична инсталација, преоптоварувањето на продолжните кабли, неисправните електрични апарати и невниманието се потенцијалните фактори за настанување на пожарите во домовите или деловните простории.

За околу 400 интервенции е поголем бројот во однос на 2018 година, вели во интервју за МИА командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Во интервјуто, Симоновски зборува и за палењето на контејнерите, кои, како што вели, намерно се палат, како и за последните случаи на пожари во Кисела Вода и во Велес. Симоновски дава оценка и за тоа колку успешно ја завршиле годината што измина.

Ја заокруживме 2019 година. Како ја оценувате годината што измина во поглед на бројот на пожари, со оглед на тоа што скоро секоја година бележиме тренд на зголемување? 

– Оваа година бројот на интервенции е поголем во сите сегменти за разлика од 2018 година, кога вкупно бројот на интервенции беше 1.517. Заклучно со 23 декември имавме 1.655 пожари, 115 технички интервенции и 140 ПП-обезбедувања. Значи, вкупниот број интервенции на Бригадата за противпожарна заштита – Скопје е 1.910 заклучно со 23 декември. Тоа значи дека за околу 400 интервенции е поголем бројот во однос на 2018 година.

Зимскиот период вообичаено има повеќе пожари во станови, куќи и други објекти. За жал, сведоци сме дека во изминатиот период како што беа пожарите во Кисела Вода и во Велес, каде што им помагавте на колегите, имавме случаи со смртни последици или со задушување со чад. Кои се најчесто причините за настанувањето на овие пожари – неисправна инсталација, греење или невнимание? 

– Како што сме кажале многупати досега, во овој период од годината се соочуваме со повеќе пожари од затворен тип, како што се станови, куќи и деловни простории. За жал, можеме да констатираме дека некаде имавме повредени, задушени, па дури и мртви, како што беше случајот со пожарот во Велес на 20 декември, каде што Бригадата за противпожарна бригада – Скопје испрати три возила помош. Најчесто причина за настанувањето на овие пожари е затоплувањето на домовите, неисправната инсталација, преоптоварување на продолжните кабли. Сето тоа се потенцијални фактори за настанување пожар.

Сè почесто има случаи на палење контејнери низ градските улици. Понекогаш се случува во текот на една ноќ да има и по неколку запалени контејнери. Дали се работи за невнимание или намерно палење? 

– Сведоци сте и самите дека контејнерите се цел на палење во повеќе скопски општини. Со потврдност можеме да кажеме дека се палат намерно и тука не се работи за невнимание. Понекогаш се случува зелените пластични контејнери да се стопени и уништени 100 проценти. Таквиот процес на горење потврдува дека станува збор за намерно палење на самиот контејнер и покрај сите дадени апели дека понекогаш оштетувањето на контејнерите може да предизвика и поголеми штети, како на пример оштетување некое возило што е паркирано во близина.

Рековте зголемен е бројот на интервенции. Бригадата за противпожарна заштита – Скопје изминатата година може да се пофали со доекипирање на кадарот и доопремување. Колку успешно скопските пожарникари се справија со предизвиците изминатата година?

– Две илјади и деветнаесетта година беше една од најуспешните за целата Бригада. Во текот на годината имавме голем број интервенци, каде што се бараа присебност, професионалност и хуманост, пред сè. Одговоривме на сите предизвици беспрекорно професионално, ги решивме сите задачи најприсебно и без поголеми загуби на човечки и на материјални добра. И за тоа сум премногу горд на комплетната екипа што стои зад мене затоа што сепак без нивната професионалност тоа што го постигнавме и тоа што го имавме како предизвик немаше да го постигнеме. И на крај сакам да им се заблагодарам на сите државни институции – Град Скопје, медиумите, а најмногу на граѓаните, кои ни ја дадоа поддршката кога најмногу ни требаше. Мислам дека резултатите сами по себе дојдоа. Сепак, НИЕ СМЕ ТУКА СЕКОГАШ ЗА НИВ.

МИА