По повод загадувањето на воздухот во Србија, што и денеска е големо, се огласи министерот за здравство, Златибор Лончар, кој изјави дека „има загаден воздух, но нема причина за паника, бидејќи тоа не може да доведе до сериозни здравствени проблеми.“
Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој кажа дека „загадување има секоја година, но во изминатите години граѓаните биле преокупирани со некои други проблеми, како што се платите, вработувањето.“
-Вака ќе биде до сабота, бидејќи нема ветер. Уште никој нема измислено ветер за да го растера загадувањето, изјави српскиот министер за здравство.
Лончар порача децата, старите и хроничните пациенти да избегнуваат надвор физичка активност во деновите кога е зголемено загадувањето на воздухот.
-Поминете помалку време надвор. Градинките и училиштата не мора да ги изведат децата надвор, можат да осмислат нешто друго сè додека не се промени времето. Оваа состојба не може да доведе до сериозни акутни или какви било други последици – кажа тој.
Лончар додаде дека на вчерашната итна седница на Владата е создаден тим за да се справи со прашањето за загадување на воздухот.
-Во Србија, повеќе од 60 проценти од домаќинствата се загреваат со индивидуални ложишта Домаќинствата користат јаглен со слаб квалитет и таквите домаќинства се енергетски неефикасни, што ќе биде во фокусот на работната група и стратегија за промена на состојбата во наредните години, се наведува во соопштението на српската Влада по итната седница закажана поради големото загадување на воздухот во Србија.
За да се спречи загадувањето на воздухот, Србија ќе ги воведе следниве мерки: 1. Забрзување на гасификацијата, 2. Ригорозна контрола на возилата „преку канал“, 3. Субвенции за електрични автомобили, 4. Замена на филтрите во термоцентралите, 5. Зголемување на пошумувањето и 6. Користење на биомаса како извор на енергија.