Важноста на редовниот и здрав сон за човековиот организам е докажана одамна. Но, како да си го обезбедиме тоа природно, без употреба на апчиња и други средства за спиење?
Стручните лица, според „Дејли мејл“, имаат повеќе совети…
- Рано будење наутро заради изложување на телото на природна дневна светлина
Тоа го „навива” биолошкиот часовник и нè навикнува на тоа да одиме и порано во кревет. Изложувањето на дневна светлина рано не значи да станувате пред изгрејсонце, туку кусо потоа и – „сончање“ на терасата од 30 до 60 минути. Особено ефективно е ако тоа се комбинира со набљудување и на залезот приквечер.
- Не претерувајте со попладневната дремка
Дремката по напорен работен ден, понекогаш, е просто – неизбежна. Но, ако зачести, тоа може да го наруши вечерниот сон, кој е најважен. Дремката не треба да биде подолга од 20 минути, препорачуваат стручњаците.
- Не правете физички вежби доцна
Иако звучи нелогично тоа дека физичките напори можат да бидат штетни за сонот, кај некои луѓе, тоа е така. Вежбањето ја зголемува телесната температура, а при ноќното спиење, природно се случува благ пад. Така, физичката активност непосредно пред легнувањето го нарушува природниот процес на заспивање.
- Оброк наутро и во средината на денот
Варењето на храната, како процес во телото, со приближувањето на времето за спиење, сè повеќе се забавува. Ако внесете повеќе храна пред да си легнете, тоа може да доведе до проблеми, како, на пример – поголеми количества стомачни киселини. Освен тоа, некои истражувања посочуваат дека храната што се јаде навечер, во телото во голема мера се „складира” во облик на масти, наместо да се потроши како енергија.
- Кафето навистина може да е штетно за сонот
Пиењето кафе, зелен и црн чај, ги прават луѓето побудни и активни, оти ги блокираат рецепторите на мозокот за аденозин – што „му кажува” на човековиот највитален орган – кога е уморен. Кофеинот обично го достига максималниот ефект околу 15 до 45 минути по внесувањето. Ако ги тргнеме настрана лекарствата, состојбата на црниот дроб, па дури и генетиката како фактори, кај повеќето здрави возрасни луѓе, кофеинот кружи во телото до шест часа по консумацијата. Така што, кафе или чај по ручекот, не се препорачува