Постојат сомненија дека во депонијата Дрисла компанијата “Еко Клуб“ депонирала необработен и нестерилизиран медицински отпад. Првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов вели дека компанијата поседува лиценца, но не ги почитувала правилата бидејќи отпадот бил депониран во иста форма како што е собран од болниците во Прилеп и Битола. Шилегов рече дека случајот го пријавил во Обвинителство и дека оттаму се уште не добиле одговор.

Пријавата во Обвинителството Шилегов ја доставил заедно со видео записи обезбедени од вонредниот надзор од страна на Инспекторатот на Град Скопје во декември минатата година на станицата на „Еко Клуб“ во Скопје, каде треба да се обработува медицинскиот отпад. Но, како што изјави инспекторот на Град Скопје, Мирослав Богдановиќ, отпадот бил депониран во депонијата Дрисла, но крвта која течела од камионот постои веројатност да завршила во водите на реката Вардар преку атмосферската канализација, каде се поставени цевките на системот за стерилизација.

Двајцата упатиле апел до Обвинителството и Министерството за животна средина да ја истражат оваа компанија и други компании кои имаат дозвола за обработка на медицински отпад на болниците. Од ЈО за ТВ21 велат дека е отворена постапка, но поради тоа што случајот е во пред истражна постапка, не можат да дадат повеќе детали.

„Со оглед на тоа што пријавата не беше поткрепена со други материјални докази, надлежниот јавен обвинител веднаш истиот ден по приемот на кривичната пријава издаде наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази за утврдување на фактите и за проверка на наводите во пријавата. По приемот на известувањето, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошно постапување во предметот“, велат од ЈО.

Бевме и во канцелариите на компанијата „Еко Клуб„ во Скопје, но беа затворени.

Во текот на посетата во овој станица и камерата на ТВ21 забележа кучиња скитници.

Контактиравме и со Државниот инспекторат, оттаму не известија дека денеска излегле на терен за да ја утврдат пријавената состојба од страна на Шилегов и Богдановиќ.

Тимот на ТВ21 побара да им се придружи во текот на надзорот, но не ни дозволија и рекоа дека утре ќе излезат со извештај.

За овој случај реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, од таму побараа одговорност од министерот за здравство, Венко Филипче, заменик министерот за екологија, Јани Макрадули, Шилегов и Богдановиќ, за тоа како е можно медицински отпад да заврши во Вардар. Инаку, во Дрисла моментално работи само инцелератор, а стерилизаторот ќе се набави во април, вети Шилегов кој од јануари годинава управува со депонијата, откако поранешниот директор Горан Ангелов беше осомничен за увоз на отпад од Италија и Бугарија.