Индија од САД ќе купи воена опрема во вредност од три милијарди долари, соопшти денеска американскиот претседател Доналд Трамп, кој се наоѓа во посета на таа земја.

По тет-а-тет средбата со индискиот премиер Нарендра Моди, Трамп изјави дека посетата била продуктивна, на која се склучени и договори за купување американски хеликоптери за индиската војска. Индија ќе купи 24 хеликоптери СиХок од компанијата Локи Мартин опремени со ракети Хелфаер, во вредност од 2,6 милијарди долари, и најави нарачка на шест „Апачи“ хеликоптери.

Трамп истакна и дека се надева на постигнување на голем трговски договор со Индија, веројатно до крајот на годината.

– Нашите тимови постигнаа огромен напредок во однос на сеопфатен трговски договор и оптимист сум дека можеме да постигнеме договор кој ќе биде од големо значење за обете земји, потенцираше Трамп.

Двете држави првобитно планираа да склопат „мини договор“, но се покажало тешко остварливо. Наместо тоа сега имаат за цел постигнување договор за поголем пакет, вклучувајќи и можен договор за слободна трговија.

 

Трамп уште дополни дека разговарал со Моди, кого го нарече „драг пријател“ за значењето на безбедноста на 5Г телекомуникациската мрежа во Индија пред планираната аукција за доделување фрекфенции во таа земја.