ШТО ЗНАЧИ ПОКАЈАНИЕ?
Преведувачите на Библијата го употребуваат зборот „покајание“, како превод на еврејскиот термин „тшува“. Именката „тшува“, пред сѐ, означува „враќање“ и происходи од глаголот „шув“, враќа (на пр. се враќа дома од патување). Во религиозна смисла „тшува“ е враќање кон Бога.
Грчкото „метаноја“ буквално се преведува како „промена на умот“. Односно, промена на внатрешната состојба, промена на ставовите и начинот на живот.
Обично словенските преводи и „тшува“, и „метаноја“ ги предаваат со еден ист збор „покајание“, обединувајќи ги така и двете смисли што се содржат во оригиналните библиски зборови.
Кога човекот застранил од патот и пошол во погрешен правец, тој, за да не залута до крај, треба да се сврти и да тргне назад кон местото, од кадешто почнал да оди во погрешниот правец. Тоа не може да се стори, додека не се осознае дека не се оди во вистинскиот правец, додека не се случи „промената на умот“.
Прекрасна ислутрација на ова е евангелската приказна за блудниот син, кој прво „дојде при себе“ (Лк 15,17), а потоа „стана и појде кон својот татко“ (Лк 15,20). Кај ликот од приказната се случила „метаноја“, а потоа тој решително станал и направил „тшува“, враќање. Ако било само „метаноја“ без „тшува“ (каење без враќање), тој, најверојатно, и би загинал во далечната земја, во која се нашол.
Само „метанојата“ без решителната „тшува“ го привела Јуда кон очајание и самоубиство: „Јуда… се покаја,.. отиде и се обеси“ (Мт 27,3-5). Значи, во покајанието неопходни се и сознанието за оддалечувањето од Бога, како и решителното дејствие за да се врати кон Него.
—
(евангелие спореде Лука. 15, 1 – 24)
Се приближуваа кон ИСУС сите митници и грешници за да Го слушаат.
2. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.”
3. Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече:
4. Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде?
5. А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен;
6. и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: »Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!«
7. Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење.
8. Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде?
9. А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: »Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!«
10. Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.”
+++
11. И рече: „Еден човек имаше два сина.
12. Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот.
13. По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.
14. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
15. па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.
16. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.
18. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе,
19. и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.
20. Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
21. И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!«
22. А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;
23. Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,
24. оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.