Тодор ПЕТРОВ
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС
ПОВТОРЕНА ИНИЦИЈАТИВАТА ДО УСТАВНИОТ СУД ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА УСТАВНИОТ ЗАКОН ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА АМАНДМАНИТЕ ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА ДОНЕСЕНИ ОД СОБРАНИЕТО НА 11 ЈАНУАРИ 2019 ГОДИНА!
8 март 2020 година, Скопје, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) повторно достави иницијатива до Уставниот суд на Македонија, претходно доставена и на 15 јануари 2019 година, за поведување на постапка за оценување на согласноста на Одлуката за прогласуавње на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија. Овојпат, барањето за поништување на Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија е врз основа на одлуките на референдумите одржани на 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година!
За жал, уставните судии иницијативата ја држат во фиока и по неа не постапуваат, овозможувајќи суспензија на правниот поредок на државата Македонија и суспензија на одлуките на референдумите одржани на 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година!
Истовремено, СМК од Уставниот суд на Македонија побара времена мерка со запирање од извршување на поединечните акти и дејствија превземени врз основа на Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 6/2019), поради ризик од штетните последици од измената на Уставот по името на државата и идентитетот на нацијата и правата и слободите на граѓаните!
СМК смета дека Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија донесена од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, не е во согласност со:
(1) Одлуката на референдумот одржан на 8 септември 1991 година “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки, видно од Декларацијата донесена од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17 септември 1991 година и Резултатот од референдумот во Република Македонија одржан на 8 септември 1991 година утврден од Републичката комисија за спроведување на референдумот од седницата одржана на 18 септември 1991 година,
(2) Одлуката на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, видно од Извештајот за конечните резултати од гласањето на референдумот на државно ниво 30 септември 2018 година, усвоен од Државната изборна комисија, број 12-2139/2 од 3 октомври 2018 година,
(3) Членот 2 став 2, членот 8 став 1 алинеите 3 и 11, членот 51, членот 52, членот 73, членот 75 ставовите 1 и 2, членот 118, членот 119, членот 131 став 5, членот 133 и членот 134 од Уставот на Република Македонија,
(5) Членот 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, и
(6) Членот 46 и членот 53 од Виенската конвенција за договорно право.
Според резултатот од референдумот: право на глас на референдумот имале 1.495.807 избирачи, на референдумот со непосредно и тајно гласање гласале 1.132.981 граѓани или 75,75% од вкупниот број граѓани со право на глас, од кои “за“ гласале 1.079.308 граѓани или 72,16% од вкупниот број запишани избирачи со право на глас, “против“ гласале 39.639 граѓани или 2,65% од вкупниот број запишани избирачи со право на глас, а 13.648 или 0,91% гласачки ливчиња биле неважечки. Врз основа на резултатот од референдумот, Републичката комисија за спроведување на референдумот утврди дека референдумот во Република Македонија одржан на 8 септември 1991 година, во согласност со членот 4 од Законот за републички референдум Е ПОЛНОВАЖЕН!
Резултатот од референдумот го потврди и Собранието на Република Македонија со Декларација донесена на седницата одржана на ден 17 септември 1991 година.
Собранието на Република Македонија во оваа Декларација констатира дека граѓаните на Република Македонија на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, самопотврдувајќи ја државноста и сувереноста на Република Македонија ја изразија својата волја и го дадоа својот глас “РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДА СЕ КОНСТИТУИРА КАКО СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“!
Во согласност со членот 314 став 3 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија “одлуката донесена на референдумот е задолжителна“! И во согласност со членот 73 став 4 од Уставот на Република Македонија, “Одлуката донесена на референдумот е задолжителна“!
СМК потсетува дека Закон донесен од Собранието се менува со Закон донесен од Собранието. Подзаконски акт донесен од Владата се менува со подзаконски акт од Владата! Но, Одлука донесена на референдум се менува САМО со иста одлука донесена на референдум! Одлуката на референдумот е задолжителна за сите!
Со Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија донесена од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, а со која амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија кои се составен дел на Уставот на Република Македонија влегоа во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845(1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Република Грција, се менува името на државата од ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА во ДРЖАВА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, што е во спротивност со одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година, во спротивност со членот 314 став 3 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија и во спротивност со членот 73 став 4 од Уставот на Република Македонија!
Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија донесена од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, е во спротивност и со членот 2 од Уставот на Република Македонија, бидејќи ја суспендира власта на граѓаните остварена по пат на референдум, знаејќи дека “Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“, и поради тоа се бара нејзино поништување, што значи истовремено поништување и на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија!
Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија е во спротивност и со конечните резултати од референдумот, на кој граѓаните гласаа на прашањето: “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“
Државната изборна комисија на седницата одржана на 3 октомври 2018 година, усвои Извештај за конечните резултати од гласањето на референдумот на државно ниво одржан на 30 септември 2018 година, според кои: право на глас на референдумот имале 1.806.336 граѓани запишани во Избирачкиот список, на референдумот со непосредно и тајно гласање гласале 666.344 граѓани или 36,89%, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња изнесува 1.139.992, вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња изнесува 19.221, вкупниот број на важечки гласачки ливчиња изнесува 647.114, од кои “за“ гласале 609.427 граѓани или 33,73%, а “против“ гласале 37.687 граѓани или 2,09%.
Државната изборна комисија констатира дека во согласност со конечните резултати од гласањето на референдумот 2018, ОДЛУКАТА НЕ Е УСВОЕНА БИДЕЈЌИ НЕ ГЛАСАЛЕ ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНАТА ОД ВКУПНИОТ БРОЈ ГРАЃАНИ ЗАПИШАНИ ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК.
Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија е во спротивност и со членот 2 од Уставот на Република Македонија, бидејќи ја суспендира власта на граѓаните остварена по пат на референдум, знаејќи дека “Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“,
На референдумот одржан на 30 септември 2018 година не беше донесена одлука за членство во ЕУ и НАТО! На референдумот одржан на 30 септември 2018 година не беше прифатен Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ како основа за донесување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 6/2019) и Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија.
Да биде трагедијата поголема, со членот 2 од Уставниот закон за спроведување на амандманите на Уставот донесени на 11 јануари 2019 година, по предлог на Алијанса на Албанците а согласност на марионетската влада на Зоран Заев е утврдено, дека “државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните.“
Имајќи го предвид сето горенаведено, СМК од Уставниот суд на Македонија повторно побара да ја поништи Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија заедно со Уставниот закон, донесени од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година!