Министерот за внатрешни работи на Грција, Такис Теодорикакос денеска донесе одлука да се затвораат игротеките во целата земја, а општина Атина, реши да ги затвори своите базени, фитнес и спортски центри, со цел да се спречи дополнително ширење на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуките доаѓаат откако вчера, грчката Влада соопшти 14 дена да се затворат градинките, училиштата и Универзитетите.

– Со одлука на министерот Такис Теодорикакос и во рамки на превентивните мерки за ограничување на ширењето на коронавирусот, се одложува работата на игротеките во целата земја, соопштија од Министерството за внатрешни работи на Грција.

Општина Атина одлучи од денеска, во следните 14 дена, да ги затвори базените, фитнес и спортските центри кои се во надлежност на општината. Оваа мерка не се однесува на приватните фитнес центри и базени.

Исклучок се планираните тренинзи и натпревари на ватерполо екипите, доколку во базените нема над 60 лица.