Неодамна во издание на Истарскиот огранок на Друштвото на хрватските писатели од Пула излезе од печат најновата книга на познатиот македонски и хрватски писател Алдо Климан, “Мирудии на црната проза”. Во оваа по обем неголема книга, токму за читање во еден здив, како што би рекол авторот, поместени се пет кратки раскази (“Далечно патување”, “Ателје”, “Амаркорд Орловец”, “Таму нема ништо” и “Тркачи со возови”, како и краткиот роман “Сплин”, кои и авторски и уреднички, претставуваат еден навистина мошне строг и репрезентативен избор од неговата понова проза.
Франц Кафка на едно место вели: „Мислам дека би морале да читаме само книги што нѐ гризат и што нѐ поттикнуваат. Ако книгата што ја читаме не нѐ разбуди со удар по глава, зошто воопшто да ја читаме?”
Ете, токму такво читателско разбудување и освежување ни донесуваат кратките прози на Алдо Климан, со сложени состојби и емотивитети што, навидум потпрени врз некои допирливи животни реалности, сепак цело време нѐ водат и нѐ заведуваат по линијата на волшебниот реализам, сѐ до границите на метафизичкото, неосознатливото, недопирливото, кои всушност тука длабински го проткајуваат целиот прозен дискурс. Ова особено се однесува на петте раскази, но и на краткиот роман “Сплин”, во кој наместа провејуваат и силни пасажи со (нема друг попрецизен збор) кафкијански обоени психози од нашето оловно, не толку дамнешно општествено минато, но и со неверојатни пророчки, застрашувачки слики на морничаво испразнети населби и пусти улици на какви што, со ужас, сведочиме денес низ Европа и низ светот. Но таа “зараза”, тој “вирус” што го празни и што го опустошува градот во романот на Климан, не е некоја обична болест, тоа е оној непојмлив, апстрактен метафизички страв, кој кон неговиот отуѓен и осамен поединец грозоморно се доближува од сите страни.
“Црната проза” на Климан, кој, да потсетиме, е еден од првите македонски литературни постмодернисти (книгата „Агол”, 1980) од времето на силното надоаѓање на неговата тнр. „четврта генерација” македонски писатели од седумдесеттите/осумдесеттите години на минатиот век, иако од читателски аспект е далеку “попроодна” од неговите рани и од критиката одлично примени херметични прозни експерименти и етиди, и натаму останува силно проткаена со иманентни егзистенцијалистички интонации и темни расположби на запрашаност над судбината на модерниот човек, или, поточно, на осамениот поединец во нашево дисхармонично, дехуманизирано, забрзано, хистерично, модерно време, кое, чиниш, сосема останало без компас. Треба да се нагласи дека сите овие прози се напишани во прво лице, што ја прави уште посугестивна таа морничава егзистенцијалистичка слика на длабински очај на осамениот човек во овој свет кој незапирливо сѐ повеќе станува, и кој сѐ повеќе и е свет на отуѓени поединци и на цивилизациски осаменици.
Високо оценувајки ги литературните карактеристики и вредности на книгата на Климан, нејзиниот уредник Борис Домагој Билетиќ, истакнат хрватски поет и литературен критичар, инаку добро познат и на македонската литературна јавност, во својот поговор изнесува една крајно афирмативна, па, во однос на денешната книжевна реалност во Хрватска, дури и радикална констатација дека “таква проза каква што денес пишува Алдо Климан, не пишува никој друг во хрватската литература”.
Алдо Климан е роден во 1950 година во Битола. Дипломирал книжевност на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” на Универэитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а во македонската литература се јавува во 1970, на дваесетгодишна возраст. Автор е на неколку книги раскази, песни и литературни критики. Пишува на македонски и на хрватски јазик. Речиси четириесет години со своето семејство живее и создава во Пула, Република Хрватска. Пред десетина години во Музеите на Македонија во Скопје и во Народниот музеј во Битола организира две репрезентативни, исклучително успешни изложби на стотина оригинални стари мапи на Македонија од XV до XX век од својата приватна збирка, под наслов “Descriptio Macedoniae”. Во последниве три години, пак, вниманието на македонската јавност го привлече со своите бројни, темпераментни, енергични, храбри колумни, исцело посветени на борбата за зачувување на безочно нападнатиот македонски идентитет, суверенитет и слобода. Колумните најнапред беа објавувани во весникот “Дневник”, а по неговото гаснење во “Република.мк”, и пренесувани од низа македонски и странски портали и социјални мрежи. Поголемиот дел од нив потоа се објавени во обемната е-книга на Алдо Климан “Хроника на најавената смрт на името” (2019).