Се поизвесно е дека ММФ ќе ја одбие Македонија за побараниот аранжман од 175 милиони евра како заем, за кој минатата недела лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју тврдеше дека е обезбеден и дека тие пари први ќе стигнат во државата.

Македонската економија се наоѓа пред уште еден масовен шок, особено поради се погласните информации дека ММФ нема да го одобри барањето за 175 милиони евра од Македонската влада. Овие пари, за кои Заев пред една недела тврдеше дека се обезбедени, беа планирани за покривање на буџетската дупка, како и за исплата на финансиската помош во рамки на мерките за помош на стопанството.

Дополнително, од овие пари Министерството за финансии планираше да се сервисираат и дел од социјалните трансфери како плати за администрацијата, пензии и социјална помош.

Според информациите на „Инфомакс“, од ММФ разгледуваат можност да одобрат не повеќе од 40-тина милиони евра како помош за Македонија, пари кои во оваа фаза на криза во економијата би биле само капка во океанот.

И аналитичарот Александар Пандов во своето гостување на Канал 5 телевизија вечерва, потврди дека постојат информации кои говорат дека Македонија дополнително ќе западне во криза особено по одбивањето на ММФ.

– Кај вас тука во емисија господинот Зоран Заев кажа дека 175 милиони евра од ММФ се обезбедени. Моите информации кажуваат дека прашање е дали само 40 милиони ќе добиеме од нив. Есапот дома и есапот на пазар е сосема различен. Јас не сум економист, но ги читам луѓето кои ја разбираат економијата и финансиите, тие предупредуваат дека Македонија ја чека тешко време. И јас сакам денес да слушнам, не 175 туку 300 милиони ММФ обезбедиле, но еве информациите говорат дека четири пати помалку обезбедиле. – коментираше Пандов во „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.

Неофицијалните проценки се дека оваа година Македонија би можела да ја заврши и со двоцифрен негативен раст на економијата.