Повеќе од 200.000 луѓе одговорија на повиците во Франција да им се помогне на земјоделците и сточарите со потребната работна сила во текот на летото, изјави министерот за земјоделство Дидиер Гијом.
– Имаме повеќе од 200.000 кандидати и 5.000 организатори на работата. Ние нема да ги натераме овие луѓе да ја преминат земјата, тие ќе работат близу до своите домови, близу до земјоделците, но и во секторите храна, транспорт и логистика. Многу е важно тие продукти да стигнат до местото каде ќе бидат продадени, рече Гијом за телевизијата Франс 2.
Гијом минатиот месец упати апел за „голема земјоделска армија“ во услови на блокада поради коронавирусот, што предизвика губење на работните места на десетици илјади граѓани, а затворањето на границите ги остави земјоделците без вообичаениот контингент на сезонски работници.
Како што е посочено, неопходни се работници за берба на аспарагус, јагоди, домати и други рани сезонски производи.
Гијом рече дека итно треба да се овозможи непречено функционирање на дистрибуцијата на храна во Франција, предупредувајќи дека во случај на проблем „нема да има доволно за да ги нахраниме нашите граѓани“.
Тој исто така ги повика жителите да се хранат со локални производи.