Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека во текот на вчерашниот ден во земјата се потврдени нови 39 случаи, кои од извршените испитувања резултираа позитивни на Ковид-19, со што официјалната бројка на носители на новиот коронавирус во Косово достигна до 669.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, вчера во Косово се евидентирани и 21 лице излекувано од заразната болест, согласно методите пропишани од Светската здравствена организација, со што бројката на лица кои ја пребродиле болеста се зголеми на 159.
Најголемиот број новозаразени, вкупно 26, се од општина Пеќ, деветмина се од Призрен, двајца од Северна Митровица и по еден од општините Исток и Звечане.
Според синоќешното соопштение на ИШПК, вчера во неговата Лабораторија за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 255 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на новиот коронавирус. Вкупната бројка на тестирани од појавата на епидемијата, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 5.627.
Во четвртокот е забележана и една нова жртва на Ковид-19. Станува збор за 53-годишен маж од Призрен, кој десет дена порано бил примен на лекување во тешка општа здравствена состојба. Вклучително последната жртва, бројката на починати од заразата во Косово се искачи на 19.