Марко Китевски (Македонски празници и празнични обичаи)
Во овој период од годината нашиот народ празнува три празници: Светите маченици Кирик и Јулита, Свети свештеномаченик Антиноген и Света маченица Марина, позната како Огнена Марија. Овие три празници меѓу народот се празнуваат како еден празник: Горешници – Чуруци и имаат иста смисла, заштита од оган, пожари и сл.
Во периодот на најтополото време во годината народот празнува три дена, како што се вели, за од оган. Тоа се празниците посветени на светите маченици Киркук и Јулита 28/15 јули, светиот светштеномаченик Антиноген и неговите 10 ученици 29/16 јули и светата великомачница Марина (огнена Марија) 30/17 јули. Се верува дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата или бидејќи е време на жетва, сама од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното, така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само пожнеаното тој ден.
Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган). Уште чурук се вели за нешто што не е добро, односно што е лошо.
Во некои места се смета дека ако се работи на овој ден ќе се исчуручи нивата (Дебарца, Охридско), односно ќе стане неродна.
И во други места се верува дека ќе се исчуручат алиштата, ќе скапат.
Во таа смисла и записот на Е. Спространов во кој се вели: „Чуреѕи се вика денот на 15 јули. Тој ден жените не работат тешка работа (не перат, не влачат волна, не предат и др.) за да не им се „чурутисват“ алиштата“.
Во смисла на народните верувања за овој празник е и записот на М. Цепенков кој сведочи дека според овој ден се прогнозира каков ќе биде времето.
„На 15 јулиј (зуреци) во тој ден гледаат старите на времето какво ќе биди: ако је многу горештина, зимата ќе била многу студена, ако е облачно, зимата ќе била мека, а ако је дождовито, зимата ќе била со лапајци“.