МИЦКОСКИ: Знам дека многумина се разочарани, како општетство скршнавме од Илинденците, но не се откажувам, нема да ја изневерам Македонија

/ 02.08.2020

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од струшко Ташмаруништа порача дека како држава и општество мора да бидеме реални и да кажеме дека скршнуваме од патот на илинденците, затоа што карактерот на државата се обликува согласно личните интереси и амбиции на поединци.

-Станавме општество на лажни величини кои се воздигнуваат на ранг на морални судии, а кои по својата основа се трули, погрешни примери и кои доколку се компарираат со вредностите на западниот свет кон кој се стремиме се апсолутно маргинални, ќе бидат отфрлени и неконкурентни. Тие самопрогласени морални судии ја глумат совеста на општеството и истураат омраза, создаваат делби, провоцираат, а всушност се маска зад која се крие немоќта на естаблишментот на власт вистински да се справи со проблемите.

Тие самопрогласени морални судии и величини се трудат да наметнат погрешна слика за работите и затоа ви се чини ненормалното-нормално, не моралното за морално, но кога ќе гребнете на површината се гледа подлабоко очајот на власта и нивната гола желба за личен конформизам и владеење.

И многумина од тие лажни морални величини ќе речат ВМРО е поразено и готово, јас велам ништо не е готово, а ВМРО е најсилната, најцврстата и најголемата политичка организација во државата, и сите кои не потценуваат знаат дека најважните битки ги водат најхрабрите и ние ќе продолжиме да се бориме за правда, чесност и принципи. На нашето општество му треба принципи и верба. Верувајте дека можеме, дека ќе биде подобро и дека доаѓаат други одобри времиња. Мораме да ја вратиме државата на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото. Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата и да се потпираме едни на други, нагласи Мицкоски.

Тој истакна дека „денес оние кои се товар на ВМРО-ДПМНЕ душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО-ДПМНЕ“.

-Целосно свесен за нивните постапки од минатото и целосно свесен дека токму овие жестоки појаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата. Сакам јасно и недвосмислено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено – изјави Мицкоски.

Според него, ова е натпревар кој се игра до последната минута, па така е и со формирањето на владата.

-А знам дека по овој натпревар кој го играме со целото срце, и внимавајќи на честа и угледот на ВМРО и државата, ќе дојдат и други, на кои ќе победиме, затоа што само така ќе бидеме први. А нашата победа е заедничка, додаде Мицкоски.

Тој посочи дека знае како многумина се чувствуваат денес по изборите.

-Огромен број луѓе чувствуваат мачнина од тешкото време и неправдите, еден голем друг дел со неверување гледаат на резултатите од изборите и пропуштената шанса и знам дека ако има можност да го вратат времето велат поинаку ќе постапеле. Исто знам дека многумина ова го сметаат за украден резултат. На сите вие ќе ви порачам дека потполно ве разбирам и сите сте во право, и нема откажување, а борбата продолжува. И јас сите вас ќе ве разочарам ако се откажам сега, и така ќе ве разочарам од прв до последен, а уште поважно ќе ја изневерам Македонија. А јас не сум тоа. Никогаш нема да ве разочарам ниту да ја изневерам државата. И затоа ние уште посилно ќе се бориме за нашата заедничка иднина. Апостолот Гоце Делчев велеше да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме, нагласи Мицкоски.


Од истата категорија