Велешкиот адвокат Спасе Скорниев ќе ја тужи велешката полиција, зашто како што тврди тој, полицаец му удрил шлаканица, а друг му ја пцуел сестрата што работи во влада, додека приведен шест часа бил задржан во станица.
Ова, според адвокатот, како што објави весникот Слободен печат, се случило откако бил приведен зашто додека возел со својот кабриолет на еднонасочна улица пред велешкиот суд повозрасен човек легнал пред неговото возило и се преправал дека бил удрен.
– Се изнаслушав еден куп гнасни работи. Ми ја пцуеа сестра ми што работи во влада, ме провоцираа, ме прашаа што ми вредело тоа што знам повеќе јазици, штом сум завршил во станица. Што сум се правел фраер со кабриолетот исто така ме прашаа, а тој е 2.000 евра. Извадив и лекарско за главата, за раката и за забите. Кој ме тепал ќе го тужам и ќе барам 7 милиони евра отштета. Јас сум комплетно психички уништен, а и кариерата уште непочната ми е завршена. Кој ќе оди да го брани адвокат за кого цел град зборува дека тепан завршил во станица, вели Скорниев за Слободен печат.