Дефанзивецот на шпанската фудбалска репрезентација Серхио Рамос беше двоен стрелец во синоќешната победа над Украина со 4:0 во Лигата на нации.
– Сакам да давам голови за репрезентацијата, но главната работа е како игравме и на кој начин ги заработивме три бода. Бевме многу добри во вршењето висок притисок кон противничките играчи. Многу е важно што не промашувавме. Постепено, чекор по чекор, тренерот изгради многу солиден тим. Секој млад фудбалер кој игра во репрезентацијата мора да преземе целосна одговорност. Овие играчи не се повикани во националниот тим затоа што се само момци кои ветуваат, истакна 34-годишниот Рамос.
Шпанија по две кола во 4. група од А-дивизијата е лидер на табелата со четири бода од две средби. Украина има три, Германија два, а Швајцарија еден бод.