По првпат истовремено беа лансирани четири балистички ракети „Булава“ од руската нуклеарна подморница „Владимир Мономах“ на Тихоокеанската флота, соопшти Министерството за одбрана.

Во соопштението се наведува дека ракетниот оган бил реализиран во рамките на планираната борбена обука, а ракетите биле испукани од Охотското Море во правец на полигонот Чиж во регионот Архангелск.

Претходно, само две ракети „Булава“ беа истовремено лансирани од подморницата, пренесува Танјуг.

Стратешката ракетна подморница „Владимир Мономах“ е нуклеарна подморница од четврта генерација. Нејзино главно оружје се 16 балистички ракети „Булава“.

„Булава“ има дострел од 10.000 километри и може да носи 10 боеви глави со моќност од 150 килотони.