Европската унија е подготвена да го обнови стратешкото партнерство со новиот американски претседател Џозеф Бајден со цел да постигне резултати во одржување на мирот и безбедноста од Западен Балкан до Источен Медитеран и Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

– Нема сомнение дека САД играат суштинска улога во зачувувањето на мирот и безбедноста, и на европските, и затоа мора да работиме заедно на многу места на нашиот континент, рече шефот на Европската служба за безбедност и меѓународни односи.

Борел рече дека ЕУ и САД, „како глобални партнери, мора да го продлабочат дијалогот и соработката во сите области, вклучително и заживување на нуклеарниот договор со Иран и во поширокото поле на контрола на неширењето на вооружувањето, а наскоро ќе почне и за сите прашања во односите со Кина“.

Тој истакна дека „силната и способна Европа не е ривал во трансатлантскиот сојуз, туку предуслов за тоа“ и оти зајакнувањето на одбранбените способности на членките на ЕУ „го зајакнува тој сојуз и придонесува за поделба на трошоците од двете страни на Атлантикот“.

Борел рече дека „технологијата сега е дел од надворешната политика“ и повика на развој на заедничка високотехнолошка програма ЕУ-САД, воспоставување јасни правила и одговорности за најголемите светски мрежни платформи, „фер оданочување“ и спречување на „нарушувања на пазарот“.

Борел посочи дека Бајден, стапувајќи на должноста во Белата куќа, се фокусирал на „заздравување на поделената нација“ и порача дека САД „ќе играат водечка улога во светот не со примерот на својата моќ, туку со силата на својот пример … дека сакаат да го поправат нашето сојузништво“.

Борел потсети дека трансатлантскиот сојуз ги обликуваше светските односи и поредокот повеќе од кое било друго тело.

Според него, ваквиот сојуз ЕУ-САД е „важен не само за безбедноста и благосостојбата на двете страни на Атлантикот, туку и за одржување на светскиот поредок заснован на демократија, владеење на правото и мултилатерализам“.

Тој рече дека „ЕУ и САД мора да влечат сè во иста насока при решавањето на растечкиот број конфликти и геополитички тензии, со цел да се воспостават заеднички норми за 21-от век и да се обликува и зајакне мултилатералниот поредок“.