Охриѓанецот Крсте Нелоски разработува дизајн за Олимписките игри во Токио 2021 година. Веќе има изработено столица со мотиви на Јапонија дизајнирана специјално за Олимпијадата 2021, снимен е и документарен филм со хуманистичка порака поврзана со постулатите на Олимпизмот, целосно е изработена специјална монета на Игрите, а разработува и идејно осмислил и грандиозен проект за изградба на пирамида како симбол на планетарниот дух што го носат Олимписките игри.
Нелоски има сопствено проектантско биро, зад него стојат многу успешни, потврдени и наградувани проекти. Негови креации се делови на Македонскиот народен театар во Скопје, скопскиот Аеродром, Спомен-куќата на Мајка Тереза, има изработено многу креации за Русија, Германија, за што има добено многу признанија и пофалници, а добитник е на наградата Златен мост за дизајн.
Целиот негов олимписки проект го носи насловот „Роза2020“, осмислен пред пред полни две години, составен од неколку елементи и тоа специјално дизајнирана фотелја, анимиран документарен филм „Раѓање“ („Birth“), монета на ЛОИ Токио, како и големиот проект Пирамида од гулаби „Мјафо2020“ („Myafo2020“). Индустриските елементи што го сочинуваат Проектот „Роза2020“ се регистрирани во Бирото за заштита на дизајн во Хаг. Во сите негови дизајнерски замисли се запазени олимписките постулати – побрзо, повиско, посилно.
– Иницијален мотив за да влезам во овој потфат беше мојата огромна љубов кон спортот, особено кон Олимписките игри што ги следев уште како дете. Имав потреба, внатрешен порив своите чувства кон сите досегашни натпреварувачи да ги претставам преку еден мал скромен проект. Дополнето со моето големо почитување кон државата Јапонија како домаќин. На впечаток сум дека натпреварувачите на Олимписките игри го седнуваат Светот на маса и со ист прибор и од исти чаши наздравуваат со единствена молитва – мисла за мир, љубов, среќа и успех, накусо ја образложува Нелоски неговата идеја.
За што полесно да го претстави Проектот и да го запознае светот, да ги приближи луѓето до неговата замисла и порака, Нелоски осмислува и 25-минутен анимиран филм со наслов „Раѓање“. Дури и дел од сценариото на филмот е негово, оној сегмент што алудира на повторната средба на генерациите остварен преку Олимпизмот.
– Посебно внимание и желба ми даде тоа што сме на почетокот на нов милениум. Земјата домаќин на Игрите – Јапонија, сакав да ја претставам преку љубовта на Харуто од Јапонија и Кила од Требеништа од 2000-та година. Нивната љубов е дарувана од Бога со раѓањето на Мјафо, преку кого сакав да го претставам Проектов, вели Нелоски.
Филмот е снимен во соработка со Продукцијата „Кумев Брадерс“ од Скопје, со учество на еминентни уметници од земјава.
– Ние сакавме безвременски да ги врзиме настаните. Јапонија оваа година не ја одржа Олимпијадата, за прв пат од постоењето на модерните игри што е голем пораз на се што е позитивно во нашата цивилизација. Ние решивме синот на Харуто и Кила да го смени тој момент. Имено прикаската во нашиот нацарт проект кој што уште не е финализиран се состои во фактот дека нивниот син Мијафо се претвара во гулаб и ги обединува сите енергии и ја одржува олимпијадата на симболичен начин со сите гулаби на светот, вели авторот на филмот Никола Кумев.
Вториот дел од Проектот е специјално дизајнирана фотелја. Осмислувајќи го дизајнот на фотелјата, размислувал во неа да вметне симболики и пораки во кои ќе се пронајде секој млад спортист, но и обичниот човек.
– Фотелјата „Мјафо2020“ поточно нејзината форма во бочниот дел стилизирано го претставува јапонското копно во форма на делфин, симболизирајќи ги спортистите од водените спортови, со динамика презентирана во линиите на самата контура. Предната ногара од фотелјата симболизира мало дете од предучилишна возраст, опкружено со љубовта што би требало да ја има секое дета на оваа планета. Задната ногара е стилизиран, израснат и подготвен спортист за најдобри резултати во натпревари на сува подлога. Напред на челото на седечкиот дел од фотелјата доминира гулаб, посветен на сите спортисти на височините, појаснува Нелоски.
Самата фотелја е изработена од инокс, ногарите се од инокс во сјајна изведба, исто како и внатрешната конструкција. Формата е лиена од полиуретанска пена со највисоки стандарди, додека тапацираниот дел е од висококвалитетна кожа. Бојата може да варира зависно потребите или намената. Производството на фотелјата е предвидено да отпочне во втората половина на февруари, а првите испораки да бидат од март годинава.
Монетата е веќе изработена, во футуристички стил прикажано на предниот дел доминираат цветови на цреша и роза, претставено е и раѓањето на сонцето како симбол на Јапонија, во кое е поместен ангел.
– Пораката на предниот дел од монетата е додека Сонцето свети и црешите цутат, розите растат и се љубат, тогаш и Светот е среќен, вели Нелоски.
На задниот дел се презентирани шесте континенти со по две ѕвездички, стилизирани спортисти меѓусебно поврзани со безброј нишки. И самата монета е претставена во анимираниот филм, предниот дел искован во Требеништа, а задниот дваесет години подоцна во Јапонија.
За монетата веќе е изработен моделот односно калапот така што нејзиното производство може да почне веднаш. Нелоски смета дека таа би се изработувала од сребро со највисока чистота, а по желба може да биде и позлатена.
Најголем предизвик за Нелоски е Пирамидата „Мир, љубов и желби – Мјафо2020“ што би била изградена во Токио, како симбол на ЛОИ 2021. Тој во неа гледа креација во која би биле претставени најдобрите спортисти од секоја од државите учеснички, во репрезентативен сегмент од објектот резервиран за нив.
– Се работи за монументален објект, со димензии 45 метри основа и 29,6 метри височина. Целата пирамида ќе биде изработена од 11.092 испреплетени гулаби од стакло во сите бои. Во дизајнот ќе бидат вметнати и 206 уметнички прикази со стилизирана љубовна игра на гулаби, соодветно на бројот држави-учеснички на Олимпијадата. Објектот нема да биде поставен на земја, туку пирамидата ќе биде издигната на постамент 2,8 метри над нивото. Идејата ми беше да се направи еден монументален милениумски објект во Јапонија, но креација што ќе му припаѓа на Светот и на сите луѓе од планетата што имаат визија за подобро утре, вели Нелоски.
Нелоски не гледа пречка во реализацијата на неговите замисли, со уверување дека за тоа е потребно само се добро да се изменаџира. Тој е повеќе од уверен дека светски проект како овој лесно може да добие завршница, доколку јавноста биде пошироко запознаена, кога луѓето би имале можност да видат за што станува збор, да имаат пристап до она што е замислено, па делумно и изработено.
Дека нема намера да се откаже ниту да подзабави говори фактот што веќе има остварено контакти во насока на реализација на замисленото.
За проектот е запозната Амбасадата на Јапонија во Скопје, од каде е изразено задоволство за инспиративните креации, со напатствија авторскиот труд „Роза2020“ да го претстави пред потенцијални интересенти од јапонската организација за трговија. Проектот е поздравен и од олимписките комитети на неколку држави, од каде се посочени конкретни интенции за поддршка до Нелоски, да истрае во намерата и неговиот труд и посветеност да добијат конкретна реализација.
Александар Бачиќ за МИА