Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска дојде во судот во Ерусалим и официјално да одговори на обвинувањата за корупција, неколку недели пред парламентарните избори во земјата, на кои се надева дека ќе го продолжат неговото 12-годишно владеење.
Нетанјаху минатата година беше обвинет за измама, злоупотреба на службената положба и примање поткуп.
Израелците со месеци наназад протестираат, барајќи ја неговата оставка и критикувајќи го одговорот на владата на кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот.
Демонстрантите и утринава се собраа пред зградата на судот и можеше да се слушне како протестираат во судницата.
Премиерот е обвинет за примање скапи подароци од богати пријатели и нудење услуги на моќни медиумски магнати во замена за позитивно известување за него и неговото семејство.
Рочиштето минатиот месец беше одложено поради ограничувањата на јавни собири поради брзото ширење на коронавирусот.
Нетанјаху е првиот израелски лидер на кој му се суди за корупција, но тој негира дека сторил нешто лошо и тврди дека е жртва на „лов на вештерки“ организиран од полицијата и медиумите.
Тој одби да се повлече и ја искористи својата позиција да им се спротивстави на критичарите и на системот на правдата.
Според израелските закони, владините министри мора да поднесат оставки доколку се кривично обвинети, но ова не се однесува децидено и на премиерот кога е под обвинение.
На почетокот на судењето, лани во мај, придружуван во судот од приврзаниците на неговата конзервативна партија Ликуд, Нетанаху ги критикуваше медиумите, полицијата, судиите и обвинителите, тврдејќи дека процесот има за цел да го замени силниот десничарски премиер.
Тој е премиер во континуитет од 2009 година и во последните две години успеа да остане на власт по три круга избори на кои немаше јасен победник.
Владејачката коалиција се распадна во декември, а сега на Нетанјаху му претстојат избори на 23 март, во надеж дека ќе победи затоа што верува дека ја извлече земјата од пандемијата, благодарение на една од најуспешните кампањи за вакцинација во светот.