Вакцината на АстраЗенека не е совршена, но делува и ќе има големо влијание врз пандемијата на Ковид-19, изјави денеска извршниот директор на оваа фармацевтска компанија, Паскал Сорио.
Вакцината, развиена во Оксфорд, е наречена „вакцина за светот“ затоа што е евтина и лесна за дистрибуција.
Сепак, масовното одобрување во Европа и светот беше запрено поради сомнежи за количината на дозата што треба да се инјектира и интервалот меѓу вакцинациите.
Податоците, исто така, покажаа дека таа е помалку ефикасна против јужноафриканската мутација, а АстраЗенека беше „во клинч“ со Европската унија поради доцнења во испораката на вакцините, потсетуваат светските медиуми.
– Дали е совршена? Не е, но одлична е. Кој друг ќе направи 100 милиони дози вакцина во февруари? Ќе спасиме илјадници животи и затоа секој ден напорно работиме, изјави Сорио.
Тој најави дека компанијата планира да произведе 200 милиони дози во април, а до декември да направи три милијарди дози.