Во четири сојузни држави починале најмалку 12 луѓе како последица на студот и бранот снежни бури што деновиве ги зафатија јужните делови на САД.  

Електро дистрибуцијата во Тексас е пореметена откако рекордната побарувачка за енергија предизвика прекин во снабдувањето, а луѓето користат ризични начини за загревање на просториите. 

Како што денеска јави Вашингтон пост, една жена и мало девојче починале од труење со јаглероден моноксид во кола паркирана во гаража со цел да се стоплат. Најмалку едно бездомно лице починало од студот во Хјустон, додека десетгодишник починал по потонување во замрзнато езеро во Тенеси. 

Во Северна Каролина, пак, вчера удри торнадо, дел од циклонот што донесе невреме и арктички студ, при што загинаа најмалку три лица, а повредени беа десетмина. 

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, вината за прекините во снабдувањето со електрична енергија ја посочи кај приватните компании, и изјави дека не било можно да се спречи „прекинот на струјата бидејќи повеќе од 100 години не сме имале ваков тип невреме“.