Во струмичкото село Банско вчера полицијата прекинала свадбена веселба на која присуствувале околу 300 гости. Од МВР најавија кривични пријави по расчистување на случајот.
– По претходна пријава, полициски службеници од СВР Струмица извршиле контрола во село Банско, Струмичко, при што било констатирано дека Д.И.(57) и А.И.(54) од с.Банско организирале свадбена веселба на нивниот син Е.И.(26), на која присуствувале околу 300 гости, со што постапило спротивно на член 206 од Кривичниот законик, се појаснува во денешното соопштение од МВР.
Свадбата била прекината, се подвлекува во соопштението, а по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. За настанот бил известен и Јавен обвинител.