Франција ќе направи се за да се избегне нова блокада поради коронавирусот,изјави премиерот Жан Кастекс во време на зголемен притисок врз болниците.

Повеќе од 26.000 нови случаи се регистрирани во државата вчера.

Засега, француската влада се спротивстави на притисокот од некои здравствени работници да наметне нова, трета блокада поради зголемениот број новоинфицирани со Ковид-19.

Наместо тоа, владата на Кастекс воведе полициски час по 18 часот низ целата земја, како и заклучување за време на викендот во два региона. Покрај тоа, беше забрането работењето на големите трговски центри.

– Треба да го искористиме целото оружје што го имаме за да избегнеме заклучување. Никогаш не го криев тоа, ајде да се вакцинираме, да се заштитиме, да се тестираме, изјави Кастекс.

Главниот здравствен инспектор на Франција, Жером Саломон, синоќа изјави дека заклучувањето не е табу, но не е автоматско, и покрај влошената здравствена состојба.

Француското Министерство за здравство вчера соопшти за 26.343 нови случаи, помалку од 29.759 ден порано. Бројот на смртни случаи се зголеми за 140 на 90.429 од почетокот на пандемијата.

Бројот на пациенти во француските единици за интензивна нега вчера се зголеми за 57 на 4.127. Во единиците за интензивна нега 82 проценти од местата се пополнети – најголем пропцент од ноември, кога Франција беше во втора блокада.

– Ситуацијата не се подобрува, има се поголем број на инфекции и болниците се силно оптеретени со многу пациенти, чија просечна возраст се намалува, нагласи Кастекс.

Владата планира да пренесе околу 100 пациенти со авион или специјален воз од регионот на Париз во други градови за да се растеретат болниците во главниот град.