Во вечерашното издание на дебатната емисија “Што не е јасно?” на ТВ Алфа гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација во државата, нестабилното парламентарно мнозинство, како и за ненабавката на вакцини против Ковид-19 вирусот.

Мисајловски посочи дека Република Македонија моментално ја води можеби најнеспособната Влада во историјата на државата. Според него, граѓаните имаат потполно право што на анкетите одговарале дека во државата има политичка криза и дека оваа власт нема легитимитет да ја води државата.

“Вчера во Собранието сведочевме на нешто што никако не смееше да се случи. Замислете, пратеничка на СДСМ и пратеник на ДОМ дојдоа заболени од Ковид-19 и директно ги ставија на ризик животите на пратениците и нивните семејства. Додека граѓаните седат затворени дома и избегнуваат контакт со луѓе дури и иако се здрави, пратениците на СДСМ и коалицијата сметаат дека се над законот и вчера направија преседан”, вели Мисајловски.

Она што вчера го направи СДСМ е одраз на страв и паника, поради тоа што секојдневно граѓаните го истураат на социјалните мрежи гневот кој го чувствуваат поради лошото владеење и драмолетките кои СДСМ ги приредува во Собранието и општо низ целата држава, вели Мисајловски.