Во вечерашното издание на дебатната емисија на ТВ Клан гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборуваше за политичката ситуација во државата, нестабилното парламентарно мнозинство, криминалните афери на власта, како и за ненабавката на вакцини против Ковид-19 вирусот.
Мицкоски истакна дека СДСМ и Владата покажале незаинтересираност и желба да набават вакцини уште на почетокот, односно тогаш кога најголем дел од земјите набавија вакцини и отпочнаа со вакцинација. Тој додава дека е несериозно власта да вели дека се е под контрола и дека државата одлично се справува со пандемијата, а фактите да говорат дека државата нема ниту вакцини, ниту пак доволно лекови за лечење на пациентите болни од коронавирусот.
“Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт, вакцини во државата ќе имаше со сигурност, бидејќи како одговорна и сериозна политичка партија, прва и основна задача во ваква ситуација ќе беше да се изнајдат вакцини и да се отпочне процес на вакцинација. Недозволиво ќе беше ВМРО-ДПМНЕ да се занимава со апсолутно неважни работи, додека граѓаните чекаат вакцини и молат за спас на нивното здравје. Така да, гарантирам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт сега, граѓаните ќе имаа вакцини и македонскиот народ ќе беше во најголем дел веќе вакциниран”, вели Мицкоски.
За фамозниот нон пејпер тој истакна:
Она што мене ми беше кажано во однос на Македонија и регионот е дека интерес на Словенија од прв момент па до денеска е да го види регионот во обединета Европа, и многу внимателно треба да се однесуваме со ова прашање бидејќи кога знаеме дека за два месеци господинот Јанша ќе го преземе претседателствувањето со ЕУ, Словенија е следна по Португалија, и тоа е клучен период. А за нонпејперот лично Јанша ми кажа дека не постои и ќе цитирам „тоа е комуњарска пропаганда“, за ова тема тука би застанал и мислам дека нема потреба понатаму да навлегуваме, посочи тој.
Мицкоски вели дека истите кои не убедуваа дека имаме имотен лист, сега не плашат и ни велат дека постои опција за поделби.
Според него, Македонија е на сите граѓани кои живеат и работат во неа и затоа сите треба да се бориме за неа. Тоа значи дека сите оние кои се криминалци треба да одговараат, а чесните и честитите политичари треба да понудат решение за подобар живот на сите граѓани во државата.
-За мене не постојат Македонци и Албанци. За мене не постојат вмровци, сдсмовци, или луѓе од ДУИ или Алијанса. Постојат чесни и честити политичари и криминогени. Тие криминогените треба да одговараат за основање сомневање дека сториле криминал. А чесните и честитите политичари треба да продолжат да се занимаваат со политика без разлика дали биле во власт или опозиција. Немојте ве молам да ја првиме грешката на 90-тите и на годините од првата декада од 21-от век, истакна Мицковски.
Оваа држава треба сите заедничко да ја градиме и сите заеднички да се бориме за нејзината иднина, посочи тој.