Израел бележи се помал број на заразени и починати од Ковид-19.
Тоа се должи на најуспешната кампања за вакцинација во светот досега – скоро 60% од сите граѓани веќе ги примиле и двете дози на вакцини, а повеќе од 80% се лица над 16 години.
Овие бројки не се само успех на здравствените работници кои организирале и им давале дози на луѓето, туку и на оние кои воделе кампања за промовирање на вакцинацијата, каде најголем предизвик биле конзервативните, ултраортодоксните заедници.
Приближно 12,5% од населението во Израел се Хареди, ултраортодоксни Евреи кои современите еврејски струи ги сметаат за отстапувачи од веродостојниот јудаизм и ги отфрлаат вредностите на просветителството. Тие не се хомогена група, но опфаќаат бројни ултраортодоксни заедници на помали или поголеми места, секоја со својата посебна култура, идеологии и начин на живот.
Кон крајот на минатата година низ харедските населби во Израел се појавиле улични постери кои предупредувале на опасностите од вакцинирањето. Наменети за Харедите кои не користат социјални мрежи и Интернет, испраќале слични пораки кои можат да се видат на просечен фејсбук-ѕид.
„Вакцините против корона се поврзани со мрачни заговори и големи опасности“, пишувало на еден постер.
„Кој знае дали повеќе од илјада луѓе кои починаа во Светата земја, нека не заштити Семоќниот, ќе беа живи ако не примија вакцина“, пишувало на друг постер.
Потоа, властите брзо испраќале комунални полициски службеници или ангажирале локални жители да ги покриваат ваквите постери со пораки од Министерството за здравство.
„Верска пресуда! Првосвештениците во Израел велат дека треба да се вакцинира“, било напишно на еден.
„Вакцините се големо искупување“, пишувало на друг.
Како што изјави консултантот за односи со јавност Ави Блументал, уличната војна траела околу две недели, по што активистите против вакцината се откажале.
“Тие ќе поставеа еден, ние ќе го покриевме. Тие ќе поставеа еден, ние ќе поставевме еден. Тоа се претвори во војна. Тие се изморија”, вели Блументал, кој работел со Министерството за здравство за да ја убеди ултраортодоксната заедница да ја прифати вакцинацијата.
Заедничко за сите Хареди е богат општествен живот, кој се врти околу верата и заедницата, во центарот е секогаш нивниот свештеник.
Сите се собираат во синагогите три пати на ден за молитва, се образуваат на големи религиозни семинари и одржува „потивки“ собири секоја сабота.
Епидемиолошките мерки за Харедите беа богохулење и поради тоа многумина ги игнорираа, а харедските свештеници стравуваа дека ќе ги изгубат своите следбеници доколку не одржат собири, вели Блументал.
Владата во заминување на премиерот Бенјамин Нетанјаху – која целосно се подготвуваше за новите избори – сметаше на значителен процент на харедски гласови, поради што имаше поблаг пристап кон харедските верски водачи, а како што растеше бројот на заразени така се наметнуваа се построги мерки кои мораа да ги почитуваат останатите граѓани.
Водечките правосвештеници од градот Бнеи Брак, каде мнозинството од населението е ултра-ортодоксно, првично одбиле да ја поддржат вакцинацијата – тие сакале прво да почекаат и да видат какви ќе бидат последиците од вакцинацијата во САД и меѓу Израелците.
На состанокот со луѓето на чело на медицинскиот персонал на 13 декември, главниот правосвештеник во градот, Јехуда Силман, изјави: “Мислам дека ќе почекаме додека не заврши првата фаза на вакцинација. Рано е да излеземе со официјална поддршка “. Но, една недела подоцна, свештеничкиот суд на хасидската династија Белц, еден од највлијателните, ја поддржал вакцинацијата.
Блументал пред свештениците го донел заменик министерот за здравство Итамар Гото, кој им објаснил дека гласините што најмногу ги загрижуваат – дека вакцините ги прават жените неплодни – се лажни.
Кога свештениците се согласиле на вакцинацијата, многу други ги следеле.
Оние кои продолжиле да се спротивставуваат биле претежно оние кои ги следат алтернативните медиуми.
За ултраортодоксните Евреи, од кои многумина избегнуваат и телевизија и паметни телефони, еден од изворите на вести се автоматите ( телефонската секретарка) со вести.
Меѓу Харедите почнаа да се шират броеви на анонимни телефонски секретарки, предупредувајќи на опасностите од вакцините и пренесувајќи анегдоти за луѓето кои би можеле да умрат по вакцинирањето.
Блументал изјави дека следел каде одат парите од заработката од тие автомати (телефонски секретарки) и открил дека така се финансираат постерите против вакцинација на улиците.
Повеќето од оние што ги повикауваа апаратите, користеа „кошер телефони“ – има околу 430 000 ултраортодоксни Израелци – на кои може да им биде забрането повикување на броеви на таблоиди од повисоки свештеници – како што се телефонски „секс линии“ или услуги за спојување двојки.
Блументал го уверил советот да ги стави броевите на апаратите (телефонски секретарки) против вакцини на црната листа, по што повиците запреле и апаратите беа исклучени.
Потресната човечка приказна можеби имала најголемо влијание врз вакцинирањето на Евреите.
Осат Бен Шитрит беше 31-годишна мајка на четири деца, која водеше салон за перики и венчавки во соседството во близина на Ерусалим.
Таа требаше да го роди своето петто дете во февруари и се плашеше од вакцинација, дури и кога израелски лекари и свештеници препорачаа вакцинација и за бремени жени. Нејзиниот сопруг Јехуда Бен Шитрит ја убеди да закаже состанок за вакцинација во февруари, но пред да ја прими вакцината, таа се зарази со корона и заврши во болница.
Се породила додека била на интензивна нега, а нејзиното бебе преживеало само неколку часа. Набргу по бебето, мајката починала.
Јехуда Бен Шитрит вели дека тогаш почнале да се шират лаги. „Теоретичарите на заговор ја искористија нашата приказна“, рече тој.
“Тие одлучија да се борат против нас, и тоа беше како борба против војска. Тие тврдеа дека мојата сопруга се вакцинирала и затоа починала. Се чувствував како да ми вртат нож прободен во стомакот”, вели Бен Шитрит.
Вдовецот и неговото семејство започнале да даваат интервјуа за ултраортодоксните и водечките медиуми во Израел. Тие потенцираа дека Осат не била вакцинирана, а доколку го направела тоа, веројатно ќе преживеела.
Еден од роднините изјави дека тој самиот водел група против вакцини на социјалните мрежи, но дека ја затворил откако Оснат починала.
Со одобрение од семејството, Блументал започна кампања на социјалните мрежи со порака: „Вакцинирајте се поради Оснат“.
Кампањата предизвика бран вакцинирања и многу граѓани на Бнеи Брак изјавија дека приказната за нејзината смрт е пресвртница во донесувањето одлука за вакцинирање.
Јехуда Бен Шетрит, кој се преселил во нова куќа со своето семејство затоа што, како што вели, им било премногу тешко на неговите деца во старата куќа без мајка, вели дека честопати го повикуваат непознати луѓе кои се плашат од вакцини.
Бен Шитрит ги повикува во неговата куќа, а некои дури и доаѓаат. „Не мора многу да разговарам со нив“, вели тој. “Тие гледаат каква е состојбата со децата дома. Не им треба многу за да сфатат … Вакцината е вистинскиот одговор”.